Шпанската полиција затвори 1.300, од вкупно 2.315 училишта во Каталонија, кои биле подготвени како гласачки места за утрешниот референдум за независност на автономната област, кој официјален Мадрид не го признава.
„Знаевме дека условите нема да бидат какви што сакаме. Идеално ќе беше референдумот да биде во согласност со државата. Но тие не сакаа да разговараат. Ниту да го спомнат“, оцени претседателот на регионот Каталонија, Карлес Пучдемон.
Вкупно 163 училишта се окупирани од семејства, кои се обидуваат на тој начин да го овозможат утрешното гласање. Приврзаниците на референдумот кампувале во текот на минатата ноќ во голем број училишта.
„Имавме неколку посети од полицијата, но тоа беше само за да проверат да не се случува нешто чудно. Всушност си имаме своја забава“, изјави Дидак Ферер, кој заедно со своите деца го окупирал нивното училиште.
Каталонските медиуми тврдат дека шпанската полиција денеска го заземала телекомуникацискиот и технолошкиот центар на каталонската влада со цел да спречи електронско гласање но Министерството за внатрешни работи не ги потврди овие информации.
Каталонската полиција добила наредба да ги испразни сите згради до утре изутрина, а 17.000 полицајци, кои се распоредени, биле советувани да се воздржат од употреба на сила.
Владата на Шпанија останува цврсто на својот став дека референдумот е неуставен, а каталонските власти планираат одржување на референдумот, без разлика на се.
„Се надеваме дека нема да има нарушувања. Ако има нарушување, тоа сигурно ќе биде од страна на оние кои се залагаат за референдумот“, вели шпанскиот министер за надворешни работи, Алфонсо Дастис.
Европските официјални претставници со големо внимание, а и делумна нервоза, ја следат ситуацијата околу референдумот за независност на Каталонија, затоа што големиот одѕив, кој може да донесе позитивен исход од гласањето, може да ги охрабри и другите региони низ Европа, да покренат слични иницијативи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.