| четврток, 6 декември 2018 |

Тајфата ја претстави „Песно стара“ со видео запис

Сеќавањата со пријателите, саканите и родителите никогаш не се забораваат. Тие се трансформираат во нешто повеќе, нешто што со себе не привлекува само слики од одредена ситуација туку чувства кои ја разгоруваат и исполнуваат душата. Оваа клучна човечка доблест да се сеќаваме на моментите кои градат карактер Никола Јанков – Коки ја преточи во песната „Песно стара“ и нејзиниот видео запис. Тој цели кон тоа да ја долови сечија приказна без разлика дали таа е родена во кола, во дискотека, во парк или на било кое друго место.

-Стара песна. Секој има некоја своја стара песна. Оваа песна сигурно има некој поширок контекст, но јас ја доживувам интимно и ме врати некаде назад за да можам многу појасно да видам во што ме чека во иднина. Јас немам некоја претензија да бидам пејач и верувам дека ја раскажав песната искрено и се надевам дека тоа се слуша, истакна Никола Јанков – Коки на денешната промоција за „Песно стара“.

Тој додаде дека е многу среќен со новата екипа и дека верува дека прават и ќе продолжат да прават интересни работи кои ќе ги побудат сите обожаватели на музиката.

-Старите песни се некое природно чудо коешто тешко може да го објасниме. Оваа песна е посветена на “старите песни“ од било кој жанр, тоа може да е некоја стара македонска песна, може да е некој рокенрол евегрин, а може да е и некој инструментал од Карлос Сантана. Многу сум среќен што оваа песна ми се појави од некаде. Мислам дека Коки е во некоја полна музичка зрелост и како човек чија животна судбина е музиката, песната ја доживеа многу лично и на тоа сум екстремно горд. Секој што ќе ја чуе ќе ја доживее на свој сопствен начин. За некого тие се некоја временска машина со која минатото и иднината се допираат и живеат заедно, рече Венко Серафимов, автор на музиката и текстот на „Песно стара“.

Аранжманот, мастеринг и продукција на „Песно стара“ е од Дејан Ѓоргиевски – Ѕене и неговото студио “Ѕене“ и заедно со Венко Серафимов тие се уметниците со кои Коки соработува уште од времето на „Дуле и Коки“. Придружните вокали се на Андријана Јаневска и Стево Цепишевски,

Виде записот е под режисерска палка на Антонио Павловски, продукција Storyteller, кој рече: “Целиот проект помина во одлична атрмосфера и крајно професионално, од моментот кога прв пат разговаравме со Коки, подготовките, снимањето, па се до овој момент”.

Во видео записот глумат актерите Жарко Спасовски и Никола Стефанов, а поддршка за реализација на овој проект овозможија: мојот комшија Ангел Глигоров кој ми ја појзајми Дијаната, Томе Корнер, Владимир Тулиев, Јасмин Маневски, Златко Симеоноски – Зеко, и АМСМ.

Како што вели Коки, „Пронајдете ја Вашата приказна во секоја нота!“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top