| четврток, 6 декември 2018 |

Пронајден изгубениот град на Александар Македонски во Ирак

Во 331 г.пр.н.е., во потерата по персискиот крал Дариј Трети, Александар Македонски минал низ сегашниот северен Ирак. При преземањето на персиската империја, Александар основал град во оваа област, Калатга Дарбанд, кој пред да исчезне, ќе прерасне во центар на производство на вино.

На декласифицирани разузнавачки фотографии се гледаат контури на град. На локалитетот се пронајдени старомакедонски артефакти. Се верува дека Александар Трети Македонски го основал градот во 331 г.пр.н.е.

Некаде во 60-тите, сателит за разузнавање преминал низ оваа област и ги фотографирал урнатините на градот. Никој не забележал со децении. Но, откако овие разузнавачки податоци биле декласифицирани во 1996 година, археолозите забележале знаци на некогашен град.

Во рамки на програмата за обука на ирачки археолози, тим од британски и ирачки истражувачи ги открија остатоците од овој град заборавен со милениуми, објави „Тајмс“.

Артефакти – парички и статуи пронајдени на локалитетот во Ирак

Тимот бил во можност да го преслика градот со помош на беспилотно летало опремено со камера. Сликите откриваат „голема правоаголна зграда скриена под житните полиња“, пишува „Тајмс“. Изработена е топографска карта на локацијата, а археолозите го прегледале и локалитетот во потрага по површинска керамика. На местото се најдени грчко-римски статуи, кои можат да ги претставуваат Персефона и Адонис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top