Документарниот филм „250 скалила” во продукција на „Пи-Џи-Ем нетворк“, а снимен по идеја на македонскиот спортски новинар Живко Здравковски беше причината, а Белград беше местото како по скоро триесет години на едно место се собра една од најдобрите генерации во историјата на југословенската кошарка насловена како „момците од Бормио – 1987″.
На едно место, во Југословенскиот драмски театар, предводени од нивниот тренер Светислав Пешиќ, се појавија великаните на баскетот, светските прваци, како Александар Ѓорѓевиќ, Дино Раѓа, кој не го криеше „незадоволството” што се чекало толку за да се собере „старото друштво”.
„Многумина од нив не сум ги видел 30 години. Какви глупаци сме што порано не се собравме“ – рече првиот центар во таа ју-селекција која го покори кошаркарскиот свет.
Во Белград, признанија лично од рацете на селекторот Пешиќ, капитенот добија Александар Ѓорѓевиќ, Дино Раѓа, Мирослав Пецарски, Славиша Копривица, Зоран Калпиќ, Небојша Илиќ. Овојпат недостасуваа Владе Дивац, Тони Кукоч, Теоман Алибеговиќ, Лука Павичевиќ и Раденко Добраш, но до некоја следна прилика, која сите искрено посакаа, дека ќе ја има.
„Бели Харлемовци“ е прекарот на златните момчиња на јуниорската кошаркарска репрезентација на Југославија без оглед што државата за која играа пред три децении не постои. Го добија за фантастичниот перформанс на Светското првенство во Бормио, Италија, во 1987 година на кое на импресивен начин ја освоија шампионската титула. Меѓу покорената конкуренција беше нокаутирана и најголемата светска кошаркарка сила, САД. И тоа не еднаш туку двапати. Во групната фаза со 110:95, во финалето со 86:76.
Во него се прикажани тригодишните подготовки на кошаркарите за напад на светскиот јуниорски трон и голем број на интересни моменти што вешто се прикриваа од јавноста во насока на задржување на фантастичната атмосфера и потребниот мир меѓу, само, дел од спортските херои во Федерацијата од Вардар до Триглав.
Свеченоста се одржа во Југословенскиот драмски театар во Белград. Гостите во салата „Љуба Тадиќ“ се „давеа“ во емоции и уживаа со восхит во секоја секвенца од филмот што воедно им нудеше и несекојдневна прилика за дружење со кошаркарските ѕвезди. Впечатокот беше единствен и недвосмислен. Американците уште долго ќе беа „клиенти“ на Југославија на големите натпреварувања.
„Ќе умрам со убедување дека ќе победевме и против Дрим тимот на САД“, истакна Теоман Алибеговиќ, член на јуниорските светски шампиони од Бормио.
Во контекст на кошаркарот од Зеница се надоврзува и Тони Кукоч, кој го дели мислењето по неверојатните партии на тогашниот национален „син“ тим со ривал во чии редови имаше ас до ас како Гери Пејтон, Меџик Џонсон, Стејси Огмон, итн.
„Поради нас Америка почна да испраќа НБА играчи на големите натпреварвања“, коментира Кукоч.
Присутните на премиерата, низ смеа и солзи, имаа ексклузивна прилика да дознаат за патешествието на југословенските кошаркарски јуниори со товарни железнички вагони на подготовки во Пирот. Се запознаа и со планинарскиот дом на Стара планина, една од работните локации на тимот на Пешиќ каде се тренираше по трипати дневно, каде Владе Дивац и Дино Раџа ги менуваа теговите со стрипови. Потоа за содржината на видео касетите што се гледале, за згодите и незгодите на ски-скокалницата на Игман.
„Кога ги совлада тие 250 скалила, Тони Кукоч падна на земја како да е мртов“, се присетува Љубиша Дмитровиќ, доктор во репрезентацијата.
Во филмот говорат сите творци на светското злато од Бормио, а синоќа во Белград, покрај селекторот Пешиќ и неговите асистенти, се појавија и Александар Ѓорѓевиќ, Небојша Илиќ, Мирослав Пецарски, Славиша Копривица, Дино Раџа, Теоман Алибеговиќ, Самир Авдиќ и Зоран Калпиќ.
„Мелодрама од ваков тип може да заврши само во солзи. Моето чувство го дефинира само еден збор, а тој е гордост“, рече Александар Ѓорѓевиќ со треперлив глас и се поклони пред репрезентацијата.
Кошаркарите добија изненадување од Пешиќ кој со себе го донесе освоениот пехар со порака на него „Раскажи ја нашата приказна“ што беше и вовед во документарецот „250 скалила“. Не сакаше да се појави со реплика на трофејот бидејќи, како што рече, тоа се најоригиналните играчи со кои работел во кариерата.
„Навистина сме глупи што не се собравме порано. Од сите касети со НБА натпревари што навистина ги гледавме по безброј пати, најизлижана беше онаа со филм од шведско потекло“, искоментира Дино Раџа, како најсоодветен начин за затворање на одличното дружење во Белград.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)