Сите ознаки на синџирот за брза храна „Мекдоналдс“ (McDonalds) денеска се симнати од рестораните во Македонија. Носителот на франшизата, компанијата „СЈ“, најави дека сите вработени ќе останат згрижени, а проблемот со раскинувањето на договорот очекува да биде надминат за три до четири месеци, јавува „А1 он“
– Се обидуваме низ институциите на системот да ги разрешиме проблемите. Разрешувајќи ги проблемите, не би сакал вработените да страдаат поради одлуката на некој поединец.
Верувам дека за кратко време ова ќе се разреши и ќе се продолжи со работа – изјави мнозинскиот акционер на компанијата „СЈ“ и сопственик на франшизата, Светозар Јаневски.
Нагласи дека договорот е еднострано прекинат, а причините, според него, се ирелевантни.
– Ние сѐ уште имаме договор и тој трае 20 години. Бараме почитување на законите и правата. Се обидуваме да го докажеме тоа во системот – рече Јаневски.
Седумте ресторани „Мекдонлдс“ беа затворени на 14 мај по прекинувањето на 15-годишниот договор за франшиза.
Компанијата „СЈ“ ја има франшизата од 1997 година кога беше отворен првиот ресторан. Со отворањето на рестораните се обезбеди вработување за повеќе од 200 лица.
Од компанијата набргу по затворањето информираа дека во франшизата за Македонија инвестирале шест милиони евра во воспоставувањето на брендот и развојот на бизнисот, со цел задоволување на потребите на потрошувачите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


