| четврток, 6 декември 2018 |

„Антолог“ ја објави безвременската исландска сага „Помеѓу рајот и пеколот“

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Помеѓу рајот и пеколот“ од меѓународно наградуваниот исландски писател Јон Калман Стефансон. Романот е добитник на високата шведска книжевна награда што го носи името на Пер Улов Енквист во 2011 година.Преводот на македонски е на Ѓурѓица Илиева.

Во еден далечен предел на Исланд, млад човек се придружува на брод со рибари. Кога ќе ги фати бура на отворено море и неговиот најдобар пријател ќе погине, тој е збунет од студената рамнодушност на неговите колеги. Скршен поради тоа, скришно ги напушта, со една единствена цел, да ја врати книгата на слепиот стар морски капетан што живее зад гори и планини. Штом ќе пристигне во градот, открива дека не е сам во својата самотија: пречекан е во топлиот круг на маргиналците, каде што почнува да го гледа животот со други очи.

„Помеѓу рајот и пеколот“ ги истражува длабочините на очајот за да ја прослави спасителната моќ на пријателството. Сместен на крајот од XX век, овој роман нуди читателско искуство што е толку интензивно како и силата на исландските пејзажи.

Фалбите што ги добива авторот за ова дело не се претерани: оваа фасцинантна приказна за Исланд и за неговото минато е безвремена одисеја, лирска медитација за животот и смртта, за рајот и пеколот што ги носиме во себе. „Извонредно… како длабокиот здив на живот да допира од морските длабочини“, се вели во критиката кон романот на престижното списание „Л Монд“.

Романот е прв дел од „Трилогијата за момчето“, која ги содржи уште и „Тагата на ангелите“ и „Срцето на човекот“ и според која наскоро ќе биде снимен и филм. Запрашан што го инспирирало да ги напише овие три романи, Стефансон ја споменал првата посета на прекрасниот пејзаж на западните исландски фјордови. „Како планините да ме прашуваа: ’Зошто не пишуваш за нас?‘“, додал тој.

Книгата е објавена со поддршка на Исландската книжевна фондација.

Јон Калман Стефансон (1963) е исландски писател. Студирал литература, но не положил некој важен испит и не го завршил факултетот. Од 1992 до 1995 година работел најразлични работи во Копенхаген, Данска. По враќањето на Исланд, почнува да се занимава со пишување. Како поет, романсиер, преведувач, тој е еден од најистакнатите современи исландски писатели. Неговите дела се преведени на десетина јазици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top