Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија денеска ги погоди силно невреме. Во Хрватска попладнево е објавен црвен метео-аларм со предупредување од опасност од поплави поради обилните дождови долж брегот на Јадранско Море.
Дождот предизвика поплави во Задар, на островот Хвар, како и на делови од Јадранската магистрала. Најпогоден од обилните дождови е градот Задар, каде наврна повеќе од 200 литри дожд на метар квадратен, што е двојно повеќе од просекот за месец септември. Поплавени се болницата и еден трговски центар, голем број куќи и деловни простории. Надојдената вода предизвика прекин на електричната енергија и на комуникациските врски, а водата од чешмите не е за пиење.
Силниот ветер пропратен со дожд на неколку локации во главниот град на Босна и Херцеговцина, Сараево уриваше стебла и однесе покриви. Обилниот дожд траеше речиси еден час, а поплавените улици предизвикаа сообраќаен метеж во градот. Федералниот хидрометеоролошки завод на БиХ издаде портокалово предупредување за појава на засилен ветер.
Невреме вечерва го погоди Белград и повеќе градови во Србија, а во Нови Пазар паѓаше град со големина на орев. Околу 19 часот невремето зафати поединечни делови од Белград, а температурата на воздухот се намали дури за 10 степени односно од 29 на 19 степени Целзиусови.
Силен ветер дуваше и во Крагуевац и во Ниш. Во Прокупље ветерон носеше дрвја, а сообраќајот е речиси во целосен прекин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.