| четврток, 6 декември 2018 |

Групното силување на Полјачката во Италија: Уапсени се сите напаѓачи, Полска бара екстрадиција

Полска ќе бара екстрадиција на четворицата осомничени за бруталното групно силување на својата државјанка во италијанскиот град Римини, соопшти полскиот заменик министер за правосудство.Заменик министерот Патрик Јаки изјави дека неговата земја планира да почне преговори со Италија околу екстрадицијата на четворицата осомничени кои во меѓувреме беа уапсени, пренесуваат агенциите.

Освен што наводно ја силувале 26-годишната полска туристка и го претепале и ограбиле нејзиното момче, тие се осомничени дека истата вечер, на 26 август, силувале и перуанска државјанка. Италијанските обвинители соопштија дека осомничените негираат дека се одговорни и ги обвинуваат другите во групата за злосторствата. Засега не се знае дали Италија ќе се согласи да ги екстрадира извршителите во Полска.

-Не сакам пред рака да изнесувам какви било заклучоци“, изјави Јаки за полското државно радио, но додаде и дека извршители, ако бидат прогласени за виновни, треба да добијат „многу високи казни како пример бидејќи казната треба да биде превентивна и да ги натера останатите да размислат седум пати пред да се обидат да извршат такво злосторство.

Во случајот кој ги потресе и Италија и Полска особено е шокантен фактот што тројца од четворицата извршителис е малолетни. Освен двајцата браќа од Мароко, 15-годишник и 17-годишник, дополнително беа уапсени и 16-годишен Нигериец и 20-годишен Конгоанец.

Нигериецот и Мароканците наводно се родени во Италија, додека Конгоанецот е азилант. Полските медиуми јавуваат дека Конгоанецот се вика Гуерлин Бутунгу и бил уапсен во неделата наутро во воз од градот кон околината на Римини, при што кај него бил пронајден рачен часовник на Полјакот кој го претепале и ограбиле.

Бутунгу добил статус на „хуманитарна заштита“ во септември минатата година, изјави Кристина Унголини, директорка на центарот за помош на емигранти во Пезаро, каде Конгоанецот бил доделен. Таа тврди дека тој не покажувал никакви знаци кои би предизвикале загриженост. „Беше друштвен, пристоен и умерен“, вели Унголини за Бутунгу.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top