Новиот број на поетското списанието “Глас и стих” со специјален додаток “Почеток на едно патување: Антологија на современа македонска поезија”…
Поезија од осум современи македонски поети неделава е објавена во превод на кинески јазик како специјален додаток на најновиот број на поетското списанието “Глас и стих” кое се печати во Хонг Конг. Изборот на поезијата го подготви д-р Марија Тодорова, која во соработка со д-р Хајди Хуанг ги направи и преводите на кинески јазик. Уредник на списанието е познатиот хонконшки поет Крис Сонг.
Антологијата содржи четириесетина песни од современите македонски поети од помладата генерација Никола Маџиров, Лидија Димковска, Владимир Мартиновски, Николина Андова Шопова, Славица Гаџова Свидерска, Митко Гогов, Елена Пренџова, и Ѓоко Здравески. Песните се објавени тријазично, на македонски, кинески и англиски јазик. Корицата на овој број на списанието “Глас и стих” посветена на современата македонска поезија е илустрирана со дело од македонскиот визуелен уметник д-р Зоран Попоски.
Во својот предговор кон антологијата, д-р Тодорова забележува: “Неодамнешниот поетски развој во Република Македонија покажува дека повеќето млади македонски поети заслужуваат пошироко признание и претставување во сеопфатни антологии на современата македонска поезија… сепак, ова не претставува комплетно претставување на македонската поетска сцена. Оттаму и насловот почеток на едно патување, кое навестува уште вакви патувања.”
Ова антологиско претставување на македонската современа поезија во превод на кинески јазик следи по претставувањето на Никола Маџиров на Поетските денови во Хонг Конг. Во 2015 година, книга со избор на поезијата од Никола Маџиров беше објавена во Хонг Конг, исто така во превод на д-р Хајди Хуанг и д-р Марија Тодорова.
Приредувачот и преведувач на антологијата на современа македонска поезија на кинески јазик д-р Марија Тодорова има преведено повеќе од дузина книги од познати светски автори, за кои во 2007 година ја има добиено наградата “Златно перо”. Има објавено две монографии на теми поврзани со литературата за деца, а нејзините трудови се објавени во врвни научни списанија. Д-р Тодорова е член на Извршниот одбор на Меѓународното здружение за преведувачки и интеркултурни студии. Во моментов предава и истражува на Баптистичкиот универзитет во Хонг Конг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Поезија од Јовица Тасевски Етернијан објавена на српски јазик
-
„Прозарт Медиа“ објави дела од врвни аргентински автори: „Разузнавачки извештаи“ и „Свињите“ на македонски јазик
-
Туристите збунети, Грците се изгубија во преводот на таблите (Фото)
-
Преводот „Republika Ilinditase e Maqedonise” е погрешен според нормите на албанскиот јазик