| четврток, 6 декември 2018 |

Прво полувреме: Македонија напаѓа, Албанија се брани (ВО ЖИВО)

Без голови заврши првото полувреме помеѓу селекциите на Македонија и Албанија во мундијалските квалификации, во мечот кој се игра на стадионот „Младост“ во Струмица, иако беше најавувано дека ќе има полни трибини за овој натпревар, сепак до тоа не дојде.

Нашата селекција мечот го почна мошне офанзивно, тежиштето на играта во целост се префрли на гостинската страна, а првиот обид го имаше Барди кој од далечина прв биеше кон противничкиот гол, во 8. минута а неговиот удар беше непрецизен.

Првата посериозна акција се случи во 23. минута кога Пандев убаво се намести да бие кон голот на гостите, но неговиот удар беше одбранет од страна на Бериша кој мораше да боксува во оваа ситуација, Ристовски не искористи отпадок откако одбиената топка стигна до него.

Барди од огромна далечина упати прецизен удар, од ситуација од која знае најдобро, слободен удар, Страхоша со крајни напори го одбрани овој удар во 25. минута.

Во продолжението динамиката на играта опадна, нашата селекција ја контролираше играта во првите 45 минути, но не успеа да го најде патот до мрежата од противничкиот гол, сепак, избраниците на Ангеловски доминираа во првото полувреме, а противникот се бранеше на својата половина.

За доминацијата на нашата селекција во првиот дел од мечот доволно говори и статистиката, гостите упатија само еден удар кон нашиот гол, додека пак нашата репрезентација имаше осум обиди кон противничкиот гол.

Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски се реши на вечерашниот натпревар да истрча во ист состав и формациска поставеност како и претходниот дуел, откако во Хаифа кај Израел славевме минимална победа од 0-1.

Македонија: Димитриевски, Ристовски, Ристевски, Муслиу, Спировски, Велкоски, Барди, Пандев, Несторовски, Алиоски и Николов (4-2-3-1).

Мечот во Струмица го суди шведскиот арбитар Јонас Ериксон.

извор: 24 фудбал

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top