| четврток, 6 декември 2018 |

Министерството за финансии на крајно груб начин го крши изборниот закон

Ваквото однесување исто така отвара дилеми дека се подготвува изборна корупција или пак се вршат незаконски исплати со пари на граѓаните на Република Македонија

Четири дена министерството за финансии не објавува ниту еден податок за буџетските трошења во време на веќе распишани локални избори. Иако со закон е обврзано тоа да го прави на дневна основа, сепак, последните податоци за буџетските трошоци за последен пат се објавени на 24.08.2017 и на тој начин грубо го кршат изборниот законик.
Изборниот законик е многу јасен во врска со ова прашање. Во членот 8А, став 3 се вели : Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје, Министерството за финансии е должно сите буџетски исплати, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци, да ги објавува јавно на интернет страна во посебна база за буџетски трошоци во изборен период.
Во овој случај министерството за финансии недвосмислено на крајно груб начин го крши изборниот закон и е далеку од она што го пропагираа во изминатиов период дека се залагаат за транспарентност и отчетност со што се поставува прашањето дали одговорните лица од министерството сакаат да скријат нешто. Ваквото однесување исто така отвара дилеми дека се подготвува изборна корупција или пак се вршат незаконски исплати со пари на граѓаните на Република Македонија.
Ако се погледнат претходните објави на Министерството за финансии може да се забележи дека огромни суми на пари се одлеваат на стоки и услуги или да бидеме попрецизни околу 20,5 милиони евра народни пари се потрошени само на оваа ставка. Ако ја земеме за пример последната објава која датира од пред четири дена под ставката стоки и услуги се потрошени 13 милиони денари. Ден претходно на 23-ти потрошено е 3 пати повеќе или 39 милиони денари, на 22 потрошено е дури 110 милиони денари и тоа така си продолжува и во претходните денови.
Нема потреба да се биде експерт за да се забележи дека најмногу се троши на договорни услуги. Што, како, каков вид на услуга, какви договори, за која намена и цел нема податоци каде одат парите на граѓаните. Еве пак ќе ја земеме како пример објавата од 24-ти. За оваа услуга се потрошени 6,8 милиони денари. На 23-ти, 17 милиони денари, на 22-ри за оваа намена се потрошени дури 103 милиони денари пари на граѓаните и како во претходниот случај повторнo се повторува.
Необјавување на овие податоци фрла огромен сомнеж за коруптивни и незаконски постапки од страна на одговорните лица во Владата и во Министерството за финансии. Ваквото однесување на министерот Тевдовски и скапо платените советници во најмала рака е сомнително и отвора можност за предизборна корупција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top