Денеска во Струга беше организирано Поетско кафе со Чарлс Симиќ, поет од САД, годинашниот добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2017 година. Претпладнево беше организиран симпозиум на тема „Изгубено/најдено во преводот“. Симиќ одговараше на прашања за неговите почетоци во САД, за личниот превод во туѓа култура, за борбата за опстанок и моментот на создавање на некои од неговите најзначајни книги како и добивањето на Пулицеровата награда во 1990 година.
– Идеалниот превод не е возможен. Целиот процес ме асоцира на шах и шаховските ситуации кои порано ги објавуваа во весниците. Често ги земав тие исечоци, ги закачував на ѕидот над креветот и долго ги разгледував, размислувајќи дека се невозможни или пак дека е некаква грешка. По неколку дена ми се случуваше да станам, да фрлам само еден поглед на ситуацијата и да го најдам решението. Така е и со преводот. Преводот е мат во два потега – истакна Симиќ.
Денешниот ден на СВП продолжува со симпозиумот „Изгубено/најдено во преводот“, поетското читање по повод 55 години од наградата „Браќа Миладиновци“ со голем дел од досегашните добитници, а вечер во 20.30 во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид е традиционалниот портрет на добитникот на „Златниот венец на поезијата“.
За Чарлс Симиќ беседа ќе одржи поетот Богомил Ѓузел, кој меѓу другото е и преведувач на дел од песните на венцоносецот. Во музичкиот дел ќе настапи македонскиот пијанист Дино Имери.
Во 22.30 часот на плоштадот во Охрид ќе се одржи поетското читање „Созвучја“ на кое ќе настапат 20 странски поети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.