Избирачките одбори кои ќе ги спроведуваат локалните избори 2017 година од денеска до 25 август треба да бидат комплетирани по случаен избор преку софтверот и базата на административци на Државната изборна комисија.
Изборот ќе се врши во Домот на АРМ со присуство на членовите на изборните комисии од 80-те општини и Градот Скопје.
Најдоцна до 26 август, пак, до ОИК предлози за членови на избирачките одбори и нивните заменици треба да достават и политичките партии во опозиција, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови, и политичките партии на власт, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.
Општинските изборни комисии најдоцна до 27 август треба да ги формираат избирачките одбори што ќе ги спроведуваат локалните избори закажани за 15 октомври.
Од вчера течат роковите за увид во Избирачкиот список што ќе трае до 9 септември на полноќ и за собирање на потписи пред овластени претставници на ДИК за предлагање на листа на кандидат за градоначалник и за членови на советот на општината од група избирачи. Собирањето потписи ќе трае петнаесет дена односно до 4 септември на полноќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.