| четврток, 6 декември 2018 |

Кои се најголемите терористички напади во последните години во Европа

Во вчерашниот атентат во Барселона загинаа 13 лица, а повредени се неколку десетици други. Сличен напад во текот на ноќта имаше и во туристичкиот град Камбрилс, во Каталонија. Таму беа повредени шест лица, а ликвидирани беа петмината осомничени терористи.

Во врска со двата напада, американските медиуми потсетуваат на некои од најголемите атентати во Европа, извршени во последните години. Меѓу нив се наведени и атентатите со превозни средства, пренесува БТА.

На 19 јуни 2017 година Британец, за кого се тврди дека имал антиимигрантски и антимуслимански убедувања, со автомобил влета во група верници крај џамија во Лондон. Во нападот едно лице загина, а деветмина беа повредени.

На 3 јуни 2017 година тројца исламисти прегазија пешаци на мост во Лондон и потоа, во соседен кварт, со ножеви напаѓаа минувачи. Во инцидентот беа убиени осум лица, а десетици беа повредени.

На 22 мај 2017 година  атентатор се крена во воздух на концерт на пејачката Аријана Гранде во Манчестер и усмрти 22 лица, а десетици други беа повредени.

На 7 април 2017 година маж, со украден камион, прегази минувачи во центарот на Стокхолм. Во нападот загинаа пет лица, а околу 15 беа повредени.

На 22 март 2017 година маж прегази пешаци на мостот Вестминстер, во Лондон, усмртувајќи четири лица, а потоа до смрт избоде полицаец.

На 19 декември 2016 година радикализиран Тунижанец со украден камион влета во Божиќниот базар во Берлин и притоа усмрти 12 лица. Во нападот имаше десетици повредени лица. Напаѓачот побегна од местото на нападот и беше ликвидиран во Милано од италијанската полиција.

На 14 јули 2016 година, радикализиран маж, кој живеел во Ница, со камион прегази мноштво луѓе, кои биле собрани на крајбрежниото шеталиште во градот на Денот на националниот празник на Франција. Во нападот загинаа 86 лица и стотици беа повредени.

На 22 март 2016 година,  атентатори се кренаа во воздух на аеродромот во Брисел и на метро станица во градот и притоа усмртија 32 лица. Стотици други беа повредени. Истрагата утврди дека атентаторите се поврзани со групата која ги изврши нападите во Париз, на 13 ноември.

На 13 ноември 2015 година, напаѓачи ја нападнаа концертната сала Батаклан во Париз и уште неколку објекти низ градот и притоа убија 130 лица. Во нападите имаше стотици повредени. Атентаторите беа поврзани со ИД.

Во периодот од 7 до 9 јануари 2015 година напаѓачи упаднаа во редакцијата на „Шарли ебдо“ во Париз и убија 12 лица, а паралелно со нив напаѓач зеде заложници во еврејски супермаркет во Париз и уби четири лица. Напаѓачите беа поврзани истовремено и со Ал Каеда на Арапскиот Полуостров и со Исламска држава.

На 22 јули 2011 година, антимуслиманскиот норвешки екстремист Андерс Брејвик активира бомба во Осло и потоа отвори оган врз млади лица во младински камп на соседен остров. Во двата напада загинаа 77 лица, од кои многумина беа тинејџери.

На 7 јули 2005 година, во четири атентати извршени во Лондон, врз три воза во местро станица и еден автобус, загинаа  52 лица. Атентаторите биле инспирирани од идеологијата на Ал Каеда.

На 11 март 2004 година во биомбашки напад врз четири воза во Мадрид загинаа 191 лице, а беше изведен од терористи поврзани со Ал Каеда.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top