| четврток, 6 декември 2018 |

Милетиќ со две раце ќе го потпише законот за абортус, здруженија протестираа против измените

sobranie-sednica-1Нема никакви ограничувања на правото на жената со предлог-законот за прекинување бременост. Тој е насочен кон заштита и грижа за здравјето на жените и за нивното репродуктивно и психичко здравје. Единствените новини што се во полза на жените се задолжителното советување за можните ризици бидејќи абортусот, како и секоја хируршка процедура, е придружен со поголем број компликации, како инфекции, трајна стерилност, РХ-сензибилизација, трајно отстранување на матката и несакани последици како смрт. Во стариот закон лекарот имаше можност, но не и обврска да ја предупреди жената за несаканите последици во случај на прекин на бременост. Но, во новиот закон постои одредба во интерес на сите жени што ќе решат да ја прекинат бременоста дека е задолжително советување од лекарот, кој ќе ѝ ги посочи сите несакани последици. Сето тоа е во насока жената да знае и да биде информирана за сѐ што се случува со неа и со нејзиното здравје – вели пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Сузана Анова.

protest-protiv-zakonot-za-abortus-3

Според неа, поднесени се амандмани со кои се отстранети и најмалите сомнежи дека би било ограничено правото на жената за слободен избор ако реши да ја прекине бременоста.

protest-protiv-zakonot-za-abortus-9

– Жал ми е што колегите од опозицијата денеска не се тука, особено жените-пратеници од СДСМ. Со нивното неприсуство и неучество во дебатата, тие само потврдија дека нивните заложби за кој било закон се подигнување тензија и дезинформирање на јавноста, а во овој случај на жените – дека законот е рестриктивен и ги крати нивните права. Ја загубија можноста да ги соочат нивните аргументи, а оправдани аргументи немаат – додаде Анова.

protest-protiv-zakonot-za-abortus-8

Драгиша Милетиќ од Српската напредна странка го поддржа новиот закон затоа што едуцирал. Вели законот ќе го поддржи со двете раце.

protest-protiv-zakonot-za-abortus-7

Пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија смета дека со законот жените се третираат како расплодни објекти.

– Лекарите се водат од светата обврска што ја преземаат, од Хипократовата заповед, а за разлика од нив, вие очигледно се водите од Хипокритовата заклетва. Ова што денеска го правите е хипокризија. Не сакате да кажете дека стариот закон нудеше и создаваше обврска за едукација на жената во сите средини, особено во руралните. А, сега мора да интервенирате за да се воведат образовни и информативни содржини во тие средини. Враќате назад нешто што постоело – рече Величковски.

Пред Собранието во исто време беше организиран протест против носење на законските измени во однос на прекинот на бременост.

protest-protiv-zakonot-za-abortus-2

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА најави дека и по донесувањето на законот за прекин на бременоста  ќе продолжат со претставки за сопирање на законот.

– Ние ќе продолжиме со претставки за сопирање на овој закон пред институциите Претседател на Републиката и Уставен суд. Во меѓувреме, ќе продолжиме со нашите советувања и информирања на младите, како и со залагањата за сексуално образование и модерна контрацепција, како единствено докажани мерки во спречувањето на бројот на несакани бремености. Исто така, ќе се залагаме за нов закон кој одговара на препораките на Светската здравствена организација и се заснова на заштита на цивилизациски стекнатите права на жените – велат од ХЕРА.

protest-protiv-zakonot-za-abortus-4

Според нив, Министерството за здравство, предводено од министерот Тодоров, не ги сослушал препораките од граѓаните, од 72 граѓански организации, од стручните здруженија на гинеколози, од 91 меѓународна организација и не ја прифатило помошта понудена од Светската здравствена организација. Препораките биле јасни и тоа повлекување на предлог-законот од итна постапка и почнување со редовна процедура на донесување нов современ закон за прекинување на бременоста.

protest-protiv-zakonot-za-abortus-6Сметаат дека и со дополнителните амандмани, новиот закон го ограничува прекинувањето на бременоста во Македонија поради задолжителното советување, со дополнително советување за предности од продолжување на бременоста, три дена чекање, писмената согласност, актите на советување, чија форма не ни е позната што значи, не е интегрален законот, отсуствуваат подзаконските акти. Поради предлогот за нови центри на општинско ниво за советување на бремените жени, кои ќе се занимаваат и со советување за штетноста од прекинување на бременоста, и поради тоа што министерот формира првостепени и второстепени комисии.

Фото: Ѓорги Личовски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top