| четврток, 6 декември 2018 |

Нема веќе праќање пациенти во Скопје за лесни испитувања

nikola-todorov

Нов пакет од 10 мерки во здраството најави министерот Тодоров.

Ова, меѓу другото значи дека пациентите што ќе прават биопсија или цитолошки испитувања ќе ги добиваат резултатите во рок од седум до десет дена, почнувајќи од јануари 2014 година, соопшти денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Ова е дел од десетте мерки кои ги воведе Министерството за здравство чија цел е да го намалат времето на чекање на резултатите, за кои сега се чека и до еден месец.

Предвидено е од јануари 2014 година во рок од седум дена да бидат готови 80 отсто од резултатите од биопсиите, а од јануари 2015  да бидат готови до 90 отсто од овие резултати.

Во врска со хистопатолошките и дијагностичките цитолошки испитувања се предвидува од јануари 2014 година во рок од 10 дена да бидат готови 80 отсто од резултатите, а од јануари 2015 година, 90 отсто од нив.

– Ако здравствената установа не го испочитува рокот за издавање на резултатите, односно ако доцнат одговорите, ќе биде казнета од Фондот за здрвство. За секој ден доцнење ФЗОМ ќе ја казни институцијата со тоа што ќе ја намали сумата на покривање на таа услуга за 5 отсто. Ако резултатот доцни 20 дена ФЗОМ воопшто нема да ѝ плати на здравствената установа за услугата  – рече Тодоров.

Тоj најави воведување на нов принцип „Парите го следат пациентот“ што подразбира дека ако лекар од внатрешноста препрати пациент на испитување во Скопје, а бараната услуга можела да се изведе во родниот град, тогаш институцијата во Скопје, која ќе ја заврши услугата ќе ѝ наплати на здравствената установа од каде е испратен пациентот во Скопје, а ФЗОМ ќе ја казни за тоа. Така, институцијата двојно ќе биде оштетена. Според министерот, целта со ова е да се намали препраќањето пациенти од внатрешноста за испитувања кои можат да се извршат и во другите болници во земјава.

Со новите мерки се забранува пациентите сами да пренесуваат материјал за испитување низ болниците, а ќе се изврши и прераспределување на опремата што не се користи таму каде што е најпотребна.

– Лекарите од САД ни укажаа дека лекар на Онкологија правел биопсии на слепо без да користи ехо-апарат. При тоа може да се добијат лажно негативни резултати што е многу опасно – рече Тодоров, кој додаде дека ехо-апаратот од Онкологија ќе се однесе на Радиологија како попотребен.

Министерот најави користење на електронски систем за закажување во кој ќе се вклучат и институтите за патологија и патофиза, како и електронско распределување на работните задачи.

 

За реализација на десетте мерки на Министерството за здравство на Институтот за патологија се вработени 5 општи лекари и се дадени 8 специјализации, а на Радиологија само годинава се дадени 31 специјализација, а предвидени се околу 60 поради тоа што малигните заболувања се во пораст.

 

Овие нови мерки утре ќе бидат дистрибуирани до сите здравствени установи во земјава, како и до ФЗОМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top