| четврток, 6 декември 2018 |

Наместо советниците, за депонијата во Дебарца ќе одлучува министерот за животна средина

Советничките групи од двете партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашната координација во Советот на општина Дебрца не постигнаа компромис за одржувањето референдум за регионалната депонија, па топката му ја префрлија на министерот за животна средина. Ако тој се оглуши, дури тогаш ќе организираат референдум. Тие усвоија текст на Предлог-одлука со која од државата ќе бараат да го отфрли планот за изградба на регионална депонија во атарот на село Годивје.

Одлуката ќе оди на усвојување на првата наредна седница на Советот на општината, по што ќе биде испратена до премиерот, министерот за животна средина, градоначалниците на општините во Југозападниот плански регион и канцеларијата на ЕУ.

– Доколку оваа одлука не биде прифатена од министерот за животна средина ќе биде организиран референдум на кој ќе се изјаснат жителите на општина Дебрца – изјави Игор Трајковски, градоначалник на општина Дебрца.

„Со оваа Предлог-одлука, усогласена од членовите во Советот на општина Дебрца, се потврдува нивната натпартиска сплотеност и се изразува волјата на граѓаните на општината“, се наведува во текстот на документот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top