Напаѓачот од Хамбург, кој уби еден и рани шестмина со нож, требало да ја напушти Германија. Сепак, не беше можно да биде депортиран, бидејќи немаше документи, посочи градоначалникот на градот Олаф Шолц.
Сторителот, 26-годишен маж, роден во Обединетите Арапски Емирати, требало да ја напушти Германија во која влегол нелегално.
– Она што ме разгневува уште повеќе е дека очигледно станува збор за некој кој побарал заштита од нас во Германија, а потоа ја насочил омраза кон нас, рече градоначалникот, цитиран од весникот „Цајт“.
Во нападот, извршен во супермаркет, едно лице загина, а уште неколкумина се повредени. Според полицијата има причина да се претпостави дека загинатиот е 50-годишен Германец.
Откако избега и рани уште петмина со нож – жена и четворица мажи – напаѓачот беше совладан од минувачи и полесно повреден, по што беше уапсен. Уште едно лице настрада во борбата за неговото апсење. Повредените, од кои некои сериозно, се хоспитализирани.
Според очевидец, напаѓачот во супермаркетот извикувал „Алах акбар“, но полицијата засега не ги коментира неговите мотиви за нападот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.