| четврток, 6 декември 2018 |

Мосул е претворен во масовна гробница: „Убивавме сѐ – ИСИС, мажи, жени, деца“ (видео)

Битката за Мосул, особено нејзината завршна фаза, зема голем број жртви – и од страната на терористите на исламска држава и од ирачките војници, но и голем број цивили. А кога градот беше прогласен за ослободен, војската наводно добила брутална команда да ги убие сите преживеани што не се предале.

Така барем сведочи мајор на ирачката војска за страницата Мидл ист ај (Middle East Eye). „Голем број цивили се меѓу труповите. Откако беше објавено ослободувањето, беше дадена наредба да убиеме сѐ што се движи“. Мајорот, кој сакал да остане анонимен, истакнал дека ја смета наредбата за погрешна, но дека морал да ја изврши. „Тоа не беше правилно. Повеќето борци на Даеш (ИСИС) се предадоа. Се предадоа, а ние само ги убивавме“.

„Убивавме сѐ. ИСИС, мажи, жени, деца. Ги убивме сите“, вели тивко друг ирачки војник, гледајќи од својата соба во пустошот од урнатини кои се спуштаат сѐ до брегот на Тигар. Стотици трупови, често распарчени, до пола закопани во шутот во кој е претворен овој дел од Стариот град на Мосул. Највпечатливи се нозете кои често стрчат од шутот. Мирисот на распаѓање, пишува дописникот на Мидл ист ај, е неподнослив на температура која достигнува 50 степени Целзиусови.

Изгледа дека ирачките власти сакаат што побрзо да ги скријат овие траги на смртта. Последната недела, оклопни булдожери се тркалаат преку разурнатите куќи и ги мелат безбројните трупови под нив, но делови од распаднатите тела сепак и понатаму се појавуваат меѓу урнатините.

Ирачкиот мајор ги отфрла тврдењата дека милитантите на ИСИС не ги заробувале затоа што ирачките затвори се преполни: „Тоа не е вистина, имаме повеќе од доволно затвори, но не ги третираме заробениците како претходно. Претходно во оваа војна фаќавме голем број припадници на Даеш и ги водевме кај разузнавачките служби. Но сега речиси не апсиме никого“.

Извор: МКД

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top