Со највисоки признанија и достигнувања и со животна борба како да се биде добра самохрана мајка, врвен работник и извор на егзистенција за своето дете, Катерина Матиќ, која пет години работела како државен советник во Агенцијата за храна и за ветеринарство, доби отказ без никаква претходна најава или опомена. Таа за „Република“ вели дека ѝ е направена голема неправда и дека ќе ги искористи сите можни правни инструменти во државата за си го поврати работното место и да си ја поврати својата чест
Во изјава за медиумите рековте дека се сомневате дека оваа одлука да добиете отказ е политичка. Во што конкретно се сомневате?
Матиќ: Знаете, со самата смена на менаџментот на директорите, како дел од претходниот менаџмент. Новата гарнитура што дојде почна веднаш да врши одреден вид притисок врз мене. Ме доведоа во една непријатна ситуација. Со решение за службен пат, одобрен налог за службено патување, во три часот наутро отидов на аеродром за да одам на обука за која бев номинирана и прифатена од страна на Европската комисија, која е организатор на обуките. На аеродром се соочив со фактот дека ми е откажана картата. Таму останав до осум часот наутро за да добијам објаснување кој ми го откажал патувањето. Јас сум самохрана мајка со дете со починат татко од пред три месеци, за мене е голем напор и организација да ја доверам грижата за моето дете за да одам стручно да се дообразувам за да напредувам во кариерата за да бидам добра мајка, но и успешна жена, која треба да обезбеди егзистенција за своето семејство. Моето патување беше откажано со само една порака од лице што лажно кажува дека јас нема да бидам во можност да бидам дел од обуката. Откажувањето на моето патување се совпадна со денот кога е именуван новиот директор. Јас побарав објаснување зошто е тоа така, зошто не сум информирана дека некој ми го откажал патувањето и добив банален одговор дека не сум била компетентна ,не сум била стручна за да одам на таква обука. За да се биде дел на таква обука прво се конкурира, па од Европската комисија решаваат дали ги исполнувате критериумите или не, ве прифаќаат или одбиваат. Што значи дека одговорот што го добив не е вистински. И друго објаснување беше дека не сум го информирала лично директорот. Јас немав кога да го известам бидејќи по завршувањето на мојот годишен одмор, веднаш следниот ден тргнав на обука.
Излеговте пред медиумите за да го искажете Вашиот револт за тоа дека неосновано сте добиле отказно решение, постоеше ли претходно опомена до Вас за можен отказ?
Матиќ: Напротив. Јас во текот на своето работење се качував по нормални скалила, со мојот труд прво станав инспектор, па државен советник, па шеф на кабинет. Што значи дека сите скалила нормално сум ги искачила, тоа е сѐ постигнато со мојата макотрпна работа, која досега моите претпоставени ја оценуваа како многу стручна и професионална. Имам признанија од меѓународни организации и институции со кои сум соработувала. Секогаш како професионалец сум се трудела да го дадам својот максимум во сѐ што било моја задача.
(Целиот разговор е објавен во 255. број на неделникот „Република“, 21.07.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.