Зголемена е предноста на германските конзервативци на канцеларката Ангела Меркел пред нивните соперници од Социјалдемократска партија (СДП), покажуваат резултатите од новата анкета, цитирани од ДПА.
Анкетата на берлинскиот институт „Форса“, спроведена неколку дена по самитот на Г-20 во Хамбург, покажува дека бурните протести, што беа пропратени со насилство за време на форумот, не се одразиле врз рејтингот на конзервативците.
Поддршката за Христијандемократската унија (ЦДУ) и нивниот баварски сојузник – Христијансоциалната унија (ЦСУ) неделава достигна 40 отсто, констатира „Форса“ на два месеца пред парламентарните избори.
Рејтингот на ЦДУ/ЦСУ е највисок од септември 2015 година, кога Меркел ги отвори границите и во Германија влегоа околу 890.000 кандидати за азил.
Пред една недела довербата во ЦДУ/ЦСУ беше за еден поен помала.
Според истражувањето, изведено од 10 до 14 јули, довербата во СДП и натаму опаѓа и сега изнесува 22 проценти. На изборите во септември 2013 година оваа партија освои 25,7 отсто од гласовите, потсетува ДПА.
Агенцијата, исто така, го цитира директорот на институтот „Форса“, Манфред Гулнер, според кого, СДП до изборите закажани за 24 септември тешко ќе може да ја достигне или надополни ралзиката од 18 поени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.