| четврток, 6 декември 2018 |

Таравари со писмо им се закани на сите директори на јавните здравствени установи

Директорите на болниците нема да можат да направат ниту една набавка без согласност од министерот за здравство Арбен Таравари. Амин од министерот ќе треба да побараат и за тоалетна хартија.

Таравари испрати наредба до сите директори на јавни здравствени установи да не одлучуваат за сите отпочнати активности кои се однесуваат на превземање обврски кои произлегуваат или се однесуваат на материјално-финансиско работење и материјално сметководство на установите (јавни набавки, вработувањеа, материјални и тековни трошоци), туку писмено да се обратат до Министерството за здравство со образложение за неопходноста за превземање на ваков вид обврски за редовно работење на установата.

Наредбата на Таравари е спротивна на Законот за здравствена заштита, кој предвидува дека работоводниот орган на јавната здравствена установа (директор) го организира и раководи процесот на трудот, го води работењето на јавната здравствена установа, самостојно донесува одлуки во рамките на своите надлежности, ја претставува и застапува јавната здравствена установа спрема трети лица и е одговорен за законитоста на работењето на јавната здравствена установа и за обврските што се преземаат во правниот промет. Тоа значи дека ЗАКОНОТ дал право на самостојност, но тоа не ги засега државниот секретар и минстерот, кои, со обичен памфлет, без повикување на закон го ограничуваат работењето на  директорот.

„Кралот сонце – државата тоа сум јас“ – тоа е принципот на работа на Таравари. Каде е одговорноста по ова писмо? Што ако нешто недостига? Дали министерот и државниот секретар ќе превземат одговорнот? Не, тие имаат имунитет, ќе горат директорите кои не умеат да кренат глава и кажат дека не може они да одговараат,а други да парадираат!

Времето ќе покаже кој бил во право. Во брзо време, кога ќе дојде првото барање за набавка на тоалетна хартија. Како до тогаш ќе се извршуваатт основните физиолошки потреби, со или без прашање до министерот пред користење на тоалетната хартија. Што е со хигиената во институциите?! Како ќе оди набавката на средства за чистење?! Набавката на храна за пациентите?! Што ќе биде кога во Министерството секојдневно ќе стигаат барања од директорите за одобрение на основните средства за работа?! Да се чека амин од министерот за средство за дезинфекција во  болница?! Ќе настане тотален хаос.

-Во законот пишува дека директорите одлучуваат за набавки, а сега има уште еден над нив, министерот, чија согласност е потребна за нивните одлуки. Со тоа директорите буквално не можат да одлучат сами. Сега тие прават планови за цел месец, што треба да се набави, тековно што произлегуваат потребите, ќе ги испратат, а потоа треба да чекаат согласност. Но, секојдневно може непредвидено да се појави потреба од некој лек или потрошен материјал, и тоа не знаат како ќе го решат. До сега немале таков случај, сето ова е ново- посочуваат од здравствените установи.

Оние со кои разговараше „Република“ се обидуваат на барањето да гледаат од правен аспект откако се разрешени Управните Одбори. За секоја промена на планот за јавни набавки мора да се свика УО. Бидејќи сега нема УО, логично е да се упатат до министер.

-Но, тоа што создава забуна е зошто се бара за тековните договори, при потреба да се набави материјал, да се добие дозвола од министерот. Потоа и за тековно плаќање на договори, стари долгови, фактури, тоа што никогаш не одело на УО. Тука е и моментот дека треба да се праша министерот и пред да се подели платата. Не се знае која е целта- зачудени се соговорниците ко нагласуваат дека сето ова ја компликува работата, особено од аспект колку време ќе чекаат одговори од министерот.

И на крајот, која е целта на ваквата наредба?! Што ќе постигне Таравари со тоа што без негов потпис не може да се набави ни ракавици, а не па нешто повеќе? Дали со ова тој отвора сомнеж дека лично тој ќе стои зад секоја набавка, или пак негови луѓе, луѓе блиски до партијата или коалицијата?!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top