Зоран Заев од собраниската Комисија за европски прашања побара собраниска седница затворена за јавноста на која пред пратениците би го презентирал текстот на Договорот за добрососедство со Бугарија.
-Јас го замолувам Собранието, во вторник, да свика седница во парламентот за да го образложам договорот за добрососедство со Македонија. Мојата намера е заедно да го разгледаме, па Владата да го разгледа, па јавно да го обелодениме и на крај да го потпишеме. Вие направивте многу како претходна власт, а ние треба да довршиме- порача Зоран Заев до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во Комисијата.
По низата повици да биде објавена содржината на договорот кој Заев со неколку членови на кабинетот го согласи со владата во Софија, како и по услогласувањето потоа на ниво на министерства на надворешни работи, до сега ова е прв чекор за запознавање на опозицијата со неговата содржина.
На ваквата понуда од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека ќе бараат аргументи зошто седницата за содржината на овој Договор би била затворена за јавноста.
– Цениме дека е подобро да биде отворена седница, но доколку Владата смета да биде затворена ќе побараме аргументи- вели за Република Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Најавите на Заев за заедничка историја, менување на учебниците по историја, заедничките прослави на македонските празници, како и прашањето за македонскиот јазик и македонското малцинство во Бугарија се најгорливите прашања кои се отворија во јавноста, но и кои до сега стоеја на потпишувањето на договорот. Сеуште за содржината на Договорот се дознава од бугарските медиуми и претставниците на бугарскиот политички живот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.