| четврток, 6 декември 2018 |

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе бараат од Владата и од Собранието в петок да се расправа за договорот со Бугарија

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе бараат од Владата и од Собранието в петок да биде закажана собраниска седница на која би се расправало за договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Ова денеска на прес-конференција во Собранието го најави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, кој рече дека петочната седница, доколку се закаже, ќе биде добра можност владејачкото мнозинство и Владата да ги потврдат заложбите за примена на принципот на инклузивност во поглед на опозицјата, кој досега премиерот Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров повеќепати го споменуваа.

– Петочната седница ќе биде добра можност и пример да се дебатира за тоа што досега е усогласено во договорот и што треба да се усогласи. Бугарската влада веќе имаше доблест да го претстави нацрт-договорот во тамошното собрание и за него да се дебатира – истакна Милошоски.

Пратеникот рече дека опозицијата, како и сите пратеници, а со тоа и граѓаните,  имаат право на увид во договорот и да го дадат својот придонес во неговото постигнување, односно да ги дадат своите забелешки.

Милошоски нагласи дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им оставаат на Владата и на МНР да одлучат дали седницата за договорот за добрососедство ќе биде отворена или затворена за јавност.

– Ако МНР смета дека во овој момент има доверливи информации, ние сме подготовени за договорот да разговараме на затворена седница – рече тој.

 

извор:мета.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top