Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа e победничка на фјучрс турнирот во Дениан во Франција, турнир со награден фонд од 25.000 долари. Во многу драматично финале, Ѓорческа ја совлада Мари Осака од Јапонија по два часа и 24 минути со 2-1 во сетови (6-2, 5-7, 7-6).
Првиот сет беше целосно во знакот на Ѓорческа, која брзо направи брејк, а го одзеде и сервисот на Јапонката за водство во сетови (6-2). Се чинеше дека Лина може да го добие мечот во два сета, но Осака спаси две брејк топки во десеттиот гем, а веќе во следниот направи брејк и израмни на 1-1 во сетови (5-7).
Третиот сет целосно беше израмнет, се играше гем за гем, но во тај-брејкот Македонката имаше повеќе концентрација и среќа. Таа со мини-брејк во 13. поен дојде до сервис за победа и ја искористи првата меч топка за триумф од 8-6 во 13. игра. Така Лина првпат триумфира на турнирот во Дениан и тоа со врвен тенис и одлична форма.
По неуспехот во квалификациите на Вимбллдон, Ѓорческа одигра одличен турнир во Франција и утре веројатно ќе скокне на најновата ВТА листа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.