Млада, креативна и трудољубива Катерина Микрут од Полска е единствената жена-чевлар во Македонија. Таа по професија е лингвист, но бидејќи не успева да најде работа според својата струка, врти друга страница и своето хоби од дете го применува како своја егзистенција. Катерина од дете умее да дизајнира, најпрво почнала со облека, чанти за понатаму да го научи и занаетот – чевларството. Од нејзините муштерии дознавме дека е врвна во својата работа, а таа за „Република“ откри дека ако некогаш се врати во Полска, занаетот што го научила во Македонија, ќе продолжи да го работи таму
Кога прв пат дојдовте во Македонија?
Тоа беше пред десет години. Јас студирав на факултет за лингвистика во Полска, во Краков завршив славистика и чешки јазик. Во рамки на студиите во четврта година требаше да се избере и трет словенски јазик за изучување, па така јас го избрав македонскиот јазик, сметајќи го за егзотичен. Искрено, мислев дека нема да имам можност никаде да го зборувам, но сум погрешила, според тоа каде сум сега, сум ја донела вистинската одлука. Прв пат дојдов во Македонија додека сѐ уште студирав, преку летна школа за јазици. За време на тој престој овде се запознав со Македонец, кој подоцна беше причината поради која јас се вратив да живеам во оваа земја. Се омажив и имам ќерка.
Иако сте дипломиран лингвист вие во Македонија се занимавате со дизајнирање и чевларство, како се решивте на тој чекор?
Дизајнот е мое хоби од детството, отсекогаш сум сакала да дизајнирам облека, подоцна и чевли, а сега дури вршам и поправка на обувки. Освен во мојата продавница, како моделар работам во фабрика во Кочани. Среќна сум што го работам ова бидејќи ме исполнува. Немав среќа да најдам работа како лингвист, но затоа пак имав среќа да учам чевларство од најдобриот и единствениот мајстор во Македонија за изработка на чевли по мерка, Исмет Ајруллаху. Веќе три години се занимавам со оваа работа, а од септември отворив и свое место.
Се цени ли во Македонија рачната изработка, креација од дизајнер?
Има многу пречки, затоа што пазарот е полн со евтина облека, чанти и чевли. Најчесто на луѓето не им исплатливо да побараат поправка, полесно им е да си купат ново. Да сум во Полска, ќе бидам позадоволна бидејќи рачната изработка во мојата земја многу се цени, дури и се наградува, се создаваат услови за луѓето кои се занимаваат со таа дејност. Заработката е многу поголема и со сигурност ќе имам повеќе средства за пристоен живот. Овде со моите дизајни сум настапувала на модни ревии во Битола и Скопје, на саеми, но во Македонија луѓето се плашат од креации, повеќе се навикнати своите пари да ги дадат на парчиња од некој познат дизајнер, изработени во Кина. Затоа сметам дека потребно е повеќе време за луѓето да ја сфатат вистинската вредност на рачното изработување. Љубовта додека го правиш производот и идејата се нешто кое е нема цена, а е единствено.
Од каде ја добивате инспирацијата за изработка на одреден дизајн?
Старата скопска чаршија е местото кое мене најмногу ме инспирира, таму доволно е една прошетка да направите и ќе добиете многу идеи. Колоритноста, плетените изработки самата атмосфера е таа која буди живост во вас. Секако и материјалите се тие кои ме инспирираат, доволно е само да ги видам. Покрај шиењето јас многу сакам да изработувам и плетени парчиња кои во оваа земја навистина се застапени. Она што сакам да се обидам да изработам се македонски опинци, не сум се обидела досега, но постојано ги забележувам техниките во мојата изработка, па во иднина ќе ми бидат предизвик.
Доаѓате од земја со различна култура и традиција од македонската, беше ли тешко да се адаптирате на начинот на живот овде?
Ми беше тешко, да. Посебно првите пет години бидејќи живеев во Преспа, па местото беше мало, позатворено, со помалку можности. Тоа за мене беше многу голема разлика и во менталитет и начинот на живот, поради што решивме да се преселиме во Скопје. Тие разлики во главниот град помалку се чувствуваат.
Што мислите, знае ли Македонецот да подаде рака кога е потребно?
Јас лично досега сум немала лошо искуство, но и добри искуства не сум имала многу. Сѐ што сум постигнала, сум морала да направам сама. Чест на исклучоци.
Која е вашата оцена, ви се допаѓа ли животниот стил на македонскиот народ?
Искрено, ми се допаѓа што народот овде е секогаш релаксиран, што многу сака дружење и забава. Меѓутоа, тоа што јас овде не можам да го прифатам, тоа што мене лично ми пречи е немањето желба за работа. Овде и професионалното, во однос на други земји со кои сум работела, не е на завидно ниво. Ми се чини дека луѓето се премногу опуштени, а помалку посветени на работа.
Сте имале ли време да ја истражите Македонија?
Да, сум била на многу места во оваа земја. Скопје навистина многу ми се допаѓа, Битола е многу убав град. Охрид е прекрасно туристичко место, многу убава природа, ми се допаѓа што туризмот таму е многу развиен. Навистина има што да се види и да се посети. Покрај работата немам многу слободно време, но сакам да одам на културни настани, а во Скопје многу има и тоа е една од причините поради кои ми се допаѓа главниот град.
Ви се допаѓа ли македонската традиционална кујна?
Во Македонија народот треба да е среќен бидејќи имате убав зеленчук и овошје. Јас многу сакам да јадам салати, а од македонска традиционална храна можам да го издвојам како омилена тавче-гравчето. Искрено јас не консумирам месо и масна храна која овде е доста застапена, но затоа пак се радувам на вкусот на салатата и овошјето кои ги има во оваа земја.
Ви недостига ли родната земја?
Секако дека ми недостигаат. Во моите десет години овде никој од моите сѐ уште ме нема посетено, но затоа пак секој одмор јас го користам да заминам во Полска. Би сакала и тие да дојдат, иако сега со модерната технологија се гледаме и се слушаме речиси секој ден.
Кои се вашите планови, останувате ли во Македонија?
Засега да. Имам пријатели овде, луѓе со кои го поминувам времето, но се зависи од иднината. Мојата 17-годишна ќерка учи овде, таа ми е главниот мотив за кој се борам и додека таа учи, нашиот престој ќе биде во оваа земја, понатаму не се знае.
Пишува:К.Н.К
(Текстот е објавен во 253 број на Неделник Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.