| четврток, 6 декември 2018 |

Видео проект на Зоран Попоски прикажан на уметнички фестивал во Словенија

Видео проект од македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски ќе бидe прикажан на петнаесеттото издание на меѓународниот уметнички фестивал Артстејс во Птуј, Словенија, на 12.7.2017 година.

Јубилејното издание на фестивалот Артстејс, еден од најголемите меѓународни уметнички настани во Централна Европа, ќе се одржи од 7 до 15 јули 2017 и во својата богата програма ќе вклучи над 150 уметници од повеќе од 20 земји, меѓу кои и најпознатите имиња во современата уметност како Вилијам Еглстон, Олафур Елијасон, Томас Руф, Себастијао Салгадо, Вим Вендерс, итн.

Попоски се претставува со видео делото “Ние емигрантите” (2017), серија на глич/гиф портрети на клучни имиња од европската културна и интелектуална историја кои и самите биле емигранти, од Сигмунд Фројд до Клод Леви-Строс. Видеото е дел од меѓународниот видео проект „Превод(и) 3: Тела во транзит“, кураторски проект на Зоран Попоски и Лоренс Вуд (Велика Британија), во кое учествуваат десетина уметници од САД, Британија, Австралија, Италија и Хонг Конг.

Проектот ќе ја има својата премиера во Словенија, а по учеството на фестивалот ќе биде претставен на проекција во Велика Британија. Зоран Попоски (р. 1974, Скопје) магистрирал уметност во нови медиуми, а докторирал студии на културата. Има реализирано повеќе од 70 меѓународни изложби. Негови јавни уметнички проекти се презентирани на ЛЕД екрани, постери и билборди во Њујорк, Скопје, Даблин, Хонг Конг, итн.

Во своите видеа, перформанси и дигитални графики, Попоски ги истражува прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top