Платата на докторите-специјалисти да изнесува 100 илјади денари, а платите на општите лекари 56 илјади денари, пишува во Предлог-законот за докторска дејност кој пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го поднесе во Собранието на Република Македонија. Освен во Собранието, предлог-законот беше доставен и до повеќе лекарски здруженија.
Со овој закон би се уредиле условите, односно организацијата и начинот на вршење на докторската дејност, правата и должностите на докторите. Исто така, ќе се врши контрола на докторската дејност, како и вреднување на докторскиот труд. Со овој закон, исто така, е опфатена и лиценцата за работа на докторите на медицина, односно нејзиното издавање, продолжување, одземање или прекин на нејзиното траење.
– Предлог-законот за докторска дејност предвидува вреднување на докторскиот труд, односно се утврдува висината на платата преку колективен договор, којашто би ја земале специјалистите и општите лекари од примарното, секундарното и терцијарното здравство. Конкретно, се предвидува платата на докторите-специјалисти да изнесува четири и пол просечни плати или 100.000 денари, а, пак, платата на општите лекари да изнесува две и пол просечни плати, односно 56.000 денари – соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ очекува пратениците да го усвојат предлог-законот шо го достави пратеничката група во Парламентот.
– Предлог-законот е работен темелно изминатиов период како од сегашните, така и од претходните пратеници-доктори, со што законот беше предвиден да се донесе на крајот од минатиот мандат, но поради политичката состојба никогаш не дојде на дневен ред. Овој закон за докторска дејност предвидува плата на доктори-специјалисти да изнесува четири и пол просечни плати или 100.000 денари нето, додека пак со законот е предвидено општите лекари да земаат две и пол просечни плати, односно 56.000 денари нето плата – рече Андоновска.
Предлог-законот доставен и до лекарските здруженија
Предлог-законот за докторска дејност им е доставен и на лекарските здруженија, така што и тие имаат можност да дадат придонес. Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ очекуваат сугестии, идеи и предлози од лекарските здруженија со цел да се задоволат и усогласат барањата и потребите на лекарската фела во државата.
– Наша идеја како подносители и предлагачи на овој закон е во наредниот период да оствариме директни средби со претставниците од повеќе лекарски здруженија сѐ со цел да излеземе во пресрет на потребите на лекарската фела во Република Македонија.
На крајот, сакаме да нагласиме дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ покрај овој позитивен предлог-закон и досега искрено и напорно работеше и реализираше огромен број мерки во здравството и за здравствените работници, како што се мегапроектот за набавка на современа медицинска опрема, реконструкција на постоечки и изградба на нови здравствени објекти, стручна доедукација на кадрите и уште многу други мерки со кои значително се унапреди здравствениот систем и се подигна квалитетот на услугите во здравството во Република Македонија – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Лекарската комора на Македонија смета дека предложеното решение треба да се доработи за да биде функционално за целата докторска фела. Од Лекарската комара велат дека тие пред две години изготвиле предлог-закон, кој бил усвоен на последното собрание на претходниот состав на Комората, кое се одржало на 23 февруари годинава.
– Тој предлог-закон беше испратен во Министерство за здравство на Република Македонија во средината на март 2017 година – велат од Комората.
Овој предлог-закон, како што објаснуваат од Лекарската комора, на последното собрание на претходниот состав на Комората бил усвоен со 34 гласа „за“ од вкупно 69 делегати, и е усвоен во период кога на претходното раководство цела година му бил истечен мандатот. - Би сакале да потенцираме дека Лекарската комора на Македонија, со идејата за подготовката на овој закон имаше единствена цел – да се подобрат условите и работата на докторите – велат од Лекарската комора.
Набавени нови апарати, вложувања во инфраструктурата
Милан Ристески пет години беше директор на Клиниката за онкологија и радиотерапија и тој говори за своето искуство.
– Наша единствена цел беше подобро и поквалитетно да бидат услужени пациентите. Ако во 2012 на годишно ниво имавме околу 250 илјади услуги, во 2016 година според податоците од „Мој термин“ сме испорачале 607 илјади услуги – изјави д-р Ристески на панел-дискусијата „Единствени кои инвестираат во здравството“, организирана од ВМРО-ДПМНЕ.
Според д-р Ристески, онкологија е многу подинамична категорија како и радиотерапијата.
– За жал, ние не можевме да очекуваме дека со тек на годините нашиот обем на работа ќе се намали. Никаде во светот тоа не се случува. Напротив, таа се зголемуваше и според податоците на „Мој термин“ преваленцата на малигните болести на така наречената „Ц дијагноза“ во моментов во Македонија изнесува околу 45 илјади живи пациенти. Тоа е огромен број пациенти со кои ние и колегите од Хематологија и од Детска онкологија се соочуваме секој ден – истакна Ристески.
Според податоците на Ристески, во 2012 година имало само девет амбуланти, а сега пет години подоцна, нивниот број се искачил на 22.
– Имаме лекари кои во еден ден имаат повеќе и од 50 прегледи, што е навистина многу, а каде и да отидете во светот и да кажете дека специјалист-онколог имал 50 пациенти, сите велат „браво“. Ние, исто така, се освеживме со нов кадар и седум нови специјализанти, а, за жал, и голем дел заминаа и во пензија – рече Ристески.
Тој истакна и дека во доменот на радиотерапијата е набавен нов катесимулатор и заменет е стариот од 2004 година.Тој апарат овозможува правење на посложени радиотехники, а инсталиран е и нов акцелератор. Во завршна фаза се бункерите во Битола и Штип.
Предлог-законот беше испратен и до повеќе здруженија и тоа: Македонско лекарско друштво, Здружението на приватни лекари на Македонија, Здружението на офталмолози на Македонија, Здружението на приватни гинеколози и акушери на Македонија, Здружение на лекари по општа и семејна медицина, Здружение на педијатри на Македонија, Здружение на патолози на Македонија, Здружение и комора на Радиолошки технолози на Македонија, Македонско здружение по кардиологија, Здружение на лекари од Охрид, Стоматолошка комора на Македонија…
– И покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, ќе продолжи да се грижи за унапредување на целокупниот здравствен систем – изјави Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ на панел-дискусијата „Единствени кои инвестираат во здравството“, која говореше за набавката на најсовремената медицинска опрема, вложувањето во инфраструктурата.
Таа на новата власт ѝ порача дека доаѓа на место каде што е навистина вложено, има навистина големи резултати, а доколку некој сака тоа да го урне, ќе биде забележано.
– Основан е и функционира Универзитетскиот клинички центар, Државната кардиохирургија во Скопје, изграден е ПЕТ-центарот, комплетно нов објект на Детската болница во Козле, современ центар за цистична фиброза, реконструирани клиники во скоро сите градови во Македонија. Се инвестираше и во кадарот во клиниките, беа испратени лекари на усовршување. Учеа од најсовремени технологии и потоа се враќаа во Македонија и ги применуваа врз нашите граѓани. Се отворија аптеки во руралните средини, се прошири листата на лекови, се намалија нивните цени. Зголемена е капитацијата за матичните лекари, за стоматолозите, кои долги години немале покачување на капитацијата – рече Андоновска.
Пишува: Александра М. Бундалевска
(Текст објавен во 252. број на неделникот „Република“, 30.6.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Филипче се грижи за граѓаните, ама не знае како да стигнат до клиника!
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата