Дали Социјалдемократскиот сојуз се обидува да ја протне педофилијата на мала врата како нешто нормално?! По колумната на активистот Никола Шиндре, во која ја оправдува педофилијата и пишува дека требало да ја сфатиме како нагон, а не да ја осудуваме, се чини партијата од власт го оправдува ваквото гледање на работите. Поддржувачи на социјалдемократите гласно застанаа зад колумната на Шиндре, кој бедно се обидува да каже дека погрешно бил сфатен.
Инаку Никола Шиндре во својата колумна пишува дека педофилите се „маргинализирана група“, а исто и децата кои, како што ги класифицира, „сакаат да имаат сексуални односи со возрасни“.
„Што се случува кога 12-годишно дете ќе посака секс или барем ќе се задоволува на помислата дека има секс со 50-годишен маж или жена, па подоцна ќе посака истото и да го реализира?! Дали тоа дете има кому да се довери?! Мислам дека нема. Мислам дека кому и да каже во ваков систем на вредности ќе биде тотална пропаст за него. Ќе доживее исмејување, санкции, ќе биде отстрането како дегенерик, а можеби ќе почне да биде и физички малтретирано. Тоа е затоа што него не го третираат како сексуален субејкт, тоа е затоа што, доколку има секс со врсник, ќе биде искарано и означено како безобразно за своја возраст, а доколку има секс со возрасен, ќе биде силувано. Но, доколку изрази желба да има секс со возрасен (маж или жена), е тогаш ќе биде жигосано, ако не за навек, тогаш барем додека да се врати во нормала.
На децата им е забрането да се самозадоволуваат од најмала возраст, со сила им наметнуваат табу за првиот сексуален чин, па точно и поради тоа не знаат дали тоа што го сакаат е исправно или не. Јас сметам дека ако го посакуваат чинот што се однесува на нивното тело, тогаш истиот е исправен. Нема ништо поисправно од тоа што те задоволува и те прави среќен.
Од сево ова го извлекувам заклучокот дека забраната за секс и де факто не може да опстои, па макар и да се работело за деца или за возрасни. Секој кој сака да има секс, ќе има“, пишува тој.
Си дава за право да каже дека педофилите се сексуално маргинализирана заедница од политички причини. Педофилите страдаат од политиката, тие сами по себе не се злосторници… Ова предизвика низа реакции.
Психологот Вера Цуракова смета дека Шиндре се обиде педофилијата да ја протне на мала врата како нешто нормално, па дури и предност. Со исти став е и Драги Змијанац, основач и директор на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Вели дека за прашањето за педофилија треба да има консензус.
– Не може за вакви прашања да се дебатира – дали да имаат децата секс со возрасен. Ова е обид за демаргинализирање на група педофили, да сакаат да ги намалат казните. Не ми е јасно како може да се дебатира на оваа тема. Ајде и тие што немаат деца да речеме дека може да бидат полиберални на оваа тема, немаат развиено чувство на загриженост за детето до таа мера. Ама родител не може да го прифати ова. Не ми е јасно – коментира Змијанац.
Според него ова голем аларм за предупредување за нешто што може да се случи многу брзо доколку не се спречи. Запраша дали авторот и порталот на кој е објавена колумната ќе преземат одговорност за секое следно дете жртва на педофилија.
Но, Експертот на СДСМ Мирјана Најчевска не само што го оправдува Шиндре, туку и ги напаѓа оние кои не се согласуваат со Шиндре:
„Дајте бре олабавете малку со навалентната глупост и откачете се од скутот на конзерватвно-моралистичкиот и популистички посакуван приод карактеристичен за владеењето на ДПМНЕ“.
Дали е конзервативен приодот доколку се смета дека педофилијата е ненормална работа, нешто што треба и мора да се санкционира. Ако Најчевска се бори за човековите права на педофилите, ја запрашуваме што е со правата на децата? Зарем тие немаат права, зарем тие не се луѓе?!
12-годишно дете не е подготвено за сексуален чин
Дали е конзервативно ова гледиште или не, односно дали 12-годишно дете е подготвено да се впушти во сексуален чин, разговаравме со психологот Цуракова.
– Дете од 12 години воопшто не е подготвено да се впушти во сексуален чин. Гениталната фаза почнува од 12 години, па нагоре. И сексуалните фантазии се исто така ставени под прашање. Сексуалноста си има свои фази, но во ниту една фаза не се споменува сексуална фантазија. Колку е подготвено дете не само за сексуални чинови, туку за сѐ, индикатор е детското прашање. Кога детето ќе постави прашање, тогаш значи дека е зрело за добивање на информацијата што го интересира. Детето не се впушта во сексуален чин, тоа е намамено. Самоволно не е подготвено во никој случај. Денеска можеби децата на 12-годишна возраст знаат што е сексуален однос, но не се подготвени за такво нешто – коментира Цуракова.
Педофилијата не е болест
Според неа постои погрешно гледиште за тоа дека педофилијата е болест. Се работи за инверзија на сексуалниот нагон.
– Педофилијата не е болест, иако Светската здравствена организација ја стави како болест пред десетина години. Тоа е дискутабилно. Педофилијата е инверзија на сексуалниот нагон. Некои педофили биле сексуално малтретирани во детството, па го следат тоа како прв модел на комуникација со детето. Ја ставија во болести заради амнестија од казна. Кого и да прашате што ќе направи ако некој му го стори тоа на неговото дете, ќе ви рече ќе го убијам. А не се случило досега родител да убие педофил – вели психологот Цуракова.
Таа смета дека затворот воопшто не е психолошка мерка, туку е физичка мерка, тоа лице да биде одделено од јавноста.
– Но, тој се враќа, затоа што во него има механизам на одбрана што се вика „борба на предизвикот“. За да го оправда претходниот чин го зголемува предизвикот и така она претходното му изгледа помалку погрешно. Тоа не запира. Нормален човек кога ќе направи грешка, ќе се запре, а педофилот не се запира, тој си го зголемува предизвикот. Така она претходното му изгледа помалку грешно. Ќе злоупотреби три деца, ќе праша што направив, па ќе злоупотреби пет, со што добива емоционална илузија дека три во однос на пет е помалку погрешно.
И Змијанац се согласува дека казната затвор нема превентивен карактер, освен ако не е доживотен затвор.
– Проблемот е во тоа, како да нема деца-жртви. Има многу скриени педофили кои не можеме да ги детектираме по нивниот профил и нивното однесување. Има тенденција од психичко растројство да се дефинираат во болни.
Регистарот на педофили не постои
Коинциденција или не, но во период кога се појавува скандалозната колумна на Шинде, се брише и регистарот на педофили. Страницата на која јавно беа објавени педофилите и од која секој можеше да види дали живее педофил во негова блиска околина, сега не функционира. Пратеникот Антонио Милошоски напиша:
„Најнова „реформа“ на Владата на Заев е укинувањето на веб-страницата на регистарот на педофили во Македонија, оние кои отслужуваат или отслужиле казна за полов напад на дете.
Дојде „живот“ за педофилите и голема загроза за децата!“.
Родителите згрозени од колумната на Шинде, но и револтирани од укинувањето на страницата.
Змијанац вели дека за ова прашање имало многу дебати и дека можеби тој регистар треба да биде во полуотворен карактер.
– Додека педофилот е во затвор, се објави неговиот идентитет, страда целото семејство – невини деца, роднини. Регистарот треба да е достапен за институции кои работат со деца, за луѓе кои сакаат да проверат кого вработуваат. Ако е од јавен карактер, луѓе може да посегнат по животот на осудениот педофил по излегувањето од затвор. Доколку, пак, некој сака да знае дали во неговото опкружување има педофил, тој може да побара достапност, но да гарантира дека нема да преземе никакви мерки против педофилот. Да потпише изјава дека нема да покрене активност со која може да биде загрозен животот и правото на слобода на движење на тој педофил – коментира тој.
Детски права или права на педофилите?
Најчевска го нападна директно Змијанац. Вели дека во изминативе години имал направено многу глупости, ама оваа му била една од поголемите.
„Непознавањето на концептот за човекови права и отсуството на елементарно разбирање на концептот за заштита на правата на детето веќе почнуваат да стануваат многу очигледни во низа постапки на организацијата „Меѓаши“. Во текстот на Шиндре нема ни збор за легализација на педофилијата. Меѓутоа, се отвора за дебата една сложена, повеќеслојна, и, многу сензитивна материја од областа на човековите права и посебно правата на детето. Јас би му сугерирала на Змијанац да не се впушта во оваа расправа бидејќи далеку ги надминува неговите интелектуални капацитети. Најдобар интерес на детето (член 3 од Конвенцијата) не е да биде ставено под стаклено ѕвоно, туку да биде третирано како човек на кој треба да му се обезбедат посебни услови за сестран и потполн развој (па и сексуален), при што ќе биде заштитено од злоупотреба (па и таа сексуалната), т.е. ќе биде заштитено од сексуално искористување и сексуално малтретирање (член 34 од Конвенцијата). За да го обезбедиме ова, ние возрасните треба да разговараме, треба да ги слушнеме децата (член 12 од Конвенцијата), треба да ги видиме сите проблеми и да понудиме најдобри решенија“, напиша Најчевска.
Змијанац возвраќа дека едно е да се бориш за правата на осудените педофили кои отслужиле казна, а друго е да понудиш начин како тие истите кога ќе излезат од затвор, да не го повторат делото. Зарем треба да имаме емпатија кон нив, да ги чувствуваме како загрозена маргинална група и да имаме разбирање за нивните сексуални фантазии?
– Јас како борец за правата на децата сега се соочувам со конфликт со борците за правата на човекот. За мене не може да има право човек кој за цел живот осакатил дете и јас сега да водам сметка за него. Јас не можам да се фокусирам кон неговите слобода и права. Морам да се фокусирам кон безбедноста, сигурноста на детето и превенцијата да не му се случи такво нешто. Не можам да имам разбирање за правата на некој кој прекршил основно право на дете. Ги бранат корпусот на човекови права и маргинализираните педофили кои се страшно санкционирани во Македонија – со наше лобирање ги качивме казните од 12 до 15 години. Ме загрижува што не се применува медикаментната терапија. Упорно кажуваме дека делото го повторуваат. Неодамна имавме случај во кој татко ја забременил својата ќерка, по излегување од затвор уште во неколку наврати ја силувал сопствената ќерка. Не е само да се одлежи казна затвор. Тој е веќе потенцијална опасност да го повтори делото. Треба или да биде под надзор, или да се следи со електронски алки или да прими медикаментна терапија. Не може да биде на слобода и да му дадеме нова шанса да силува дете, а како држава да не преземеме ништо. На секое излегување од затвор имаме потенцијална нова жртва – дете. И само ќе го судиме. Што е со детето-жртва? Како да се превенира? Тука Најчевска не дебатира. Нека каже кои се нејзините идеи. Хемиската кастрација не е хумана. По наше убедување е хумана – прво нема да има дете следна жртва и затоа што педофилот нема да го повтори делото за да не доживее доживотна казна затвор. Не била хумана, затоа што му се менува естрогенската структура, добива женски хормони и му се намалува нагонот. Велиме имате ли похумана мерка. Ги нема да кажат. Ние бараме доживотен затвор за второ кривично дело. Но, зошто да дозволиме да се случи второ дело?
СДСМ не се дистанцира
Учесникот на Шарената револуција Никола Шиндре во својот скандалозен текст, пишува: „Детето тука не го третираат како сексуално суштество, тие секогаш се позагрижени тоа да не е силувано, да не е заведено, да не е малтретирано, да не е вклучено во детска порнографија“. Релативизирање на педофилијата која остава трајни лузни врз детето, создава општество на морално искривена подлога.
Социјалдемократите молчат. Тие не се дистанцираат од ставовите на Шиндре, искажани преку колумна која наиде на поддршка кај одреден број на учесници на Шарената револуција и поддржувачи на СДС, во која се релативизира педофилијата и се повикува на омекнување на законските санкции кон педофилите.
ВМРО-ДПМНЕ со реакција:
„Неосудувањето на ставовите за поддршка за педофилијата од страна СДС значи прифаќање на ваквите ставови. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ниту еден чекор кој ќе значи намалување на казните за педофилија. Ваквиот став мора да се осуди. Осуда и потврда за ставот околу казнивоста на педофилијата очекуваме и од останатите политички и општествени субјекти во Република Македонија. СДС, како политичка партија која ја води Владата на Република Македонија, мора да се дистанцира од ваквите ставови на Шиндре и неговите поддржувачи од Шарената револуција Кочо Андоновски, Ирена Цветковиќ, но и новинарка Билјана Секуловска. Силно ќе се спротивставиме на обидите да се релативизира педофилијата и да се омекне законската санкција за неа“.
Пишува: Билјана Зафирова
(Текст објавен во 252. број на неделникот „Република“, 30.6.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


