| четврток, 6 декември 2018 |

Ја погодил гром во центарот на Прага, едвај преживеала

Во центарот на Прага, Чешка, на среде улица, гром удрил во чадорот за дожд што го држела една жена. Докторите на Итната помош едвај и го спасиле животот.

Жената била префрлена во болница во критична состојба, јавуваат медиумите во Чешка.

– Работам во Итната помош во Прага 25 години и не паметам дека вакво нешто некогаш се случило. Ударот од гром е типичен за планинските области. Во градот тоа е нешто сосема невообичаено – изјави портпаролот на Итната помош Онджеј Фрањек.

Лекарите долго време се обидувале да ја вратат во живот жената која била во критична состојба и имала изгореници по телото.

Итната помош ја повикале случајни минувачи кои тврделе дека громот директно удирил во чадорот за дожд, меѓутоа, метеоролозите тврдат дека многу поверојатно е дека громот удил во зграда, а електрицитетот од него допрел до жената поради мокрото тло, бидејќи врнел дожд или пак ја погодил секундарен гром, кој се одвоил од главниот удар во зградата.

По тропските жештини последните денови, во Чешка вчера попладне и вечера имаше невреме, а заладувањето донесе и обилен дожд.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top