| четврток, 6 декември 2018 |

Одново за нашата историја

Проф. д-р Јованка Кепеска

Од она што во јавноста премиерот Заев го извести околу содржината на разговорите кои претходат за договорот за добрососедска политика со Република Бугарија сознаваме „дека се укажува на потребата да се надмине омразата спрема Република Бугарија, дека се прокламира заедничката историја а оттаму и одбележувањето на заедничките историски настани, меѓу кои Илинден од 1903 година“. Со накнадните изјави на званичните лица од Бугарија преку ваквите заложби се откриваат меѓутоа и ставови што притоа се претпоставуваат на самосвојноста на македонскиот народ и на неговата историја. Во однос на двојниот карактер на Илинденското востание, автентичноста на македонскиот јазикот и на македонскиот народ.

Неспорно е дека добрососедските односи со Република Бугарија мораат да се негуваат и да се унапредуваат. Но тоа претпоставува и еднаков пристап на двете страни во меѓусебната почит и признавање. Изедначувањето на актуелниот пристап со гестот на помирување помеѓу Франција и Германија не е соответно. Затоа што секој меѓудржавен однос има своја специфичност. Големите отстапки во однос на нашиот идентитет, се неприфатливи. Оној помеѓу Франција и Германија се однесуваше на државната припадност на Алзас и Лорена (тие влегуваат во државните граници на Франција со регионална самостојност, по Втората светска војна) и признавајќи го автентичниот (старогермански) јазик во административна употреба.

Мора да се почитуваат во науката утврдените обележјата на посебноста на македонскиот народ. За македонскиот пристап во сите научни трудови и политички пледоаеа карактеристичен е природно-правниот пристап и тоа од времето на конституирањето на македонската нација како политичка заедница на македонскиот народ. Истоветно како и во актите на ООН а и на првобитната Декларација за правата на човекот и граѓанинот по Француската револуција. Пристапот за етничкиот момент при создавањето на македонската нација не може затоа да се поврзи со симплифицираното нацистичко злоупотребување на теоријата за „крвта и тлото“.

Самосвојноста на македонскиот народ е изразена во македонскиот јазик чиј литературен облик лежи врз народното творештво, научното изучување на говорите и на живиот јазик. Затоа што она што народот го создал како sui generis е неговиот јазик.

Различноста на јазикот е поради специфичноста на народот и во таква смисла е специфична духовност. Што е и идентитет на народот. Тоа убаво го објаснил К. Мисирков во својата книга „За македонските работи“.

Денес, во македонската граматика според која состојбата на јазикот е подигната, така да кажеме на апстрактно ниво, на ниво на категории, како што вообичаено е во науката, се покажува дека според посебната структура која што е поставена уште со формирањето на македонскиот народ, а натаму се развива како сведоштво за македонската самобитност, јазикот фонетски, синтаксички, етимолошки и лексички се разликува и од бугарскиот и од српскиот. Тоа е резултат на лингвистиката, без политички отстапки. Нашиот јазик си има специфични црти во акцентот, членот, двојниот предмет, аналитичките именски форми и специфичните глаголски форми. Со научните основи во граматиката, македонскиот јазик се поместува како рамноправен член во јазичното семејство на славјанските јазици.

Современиот македонски јазик појдува од јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум. Тој во почетоците доживеал најголем процут. Се развила писменоста и книжевноста која потоа има огромно значење за сите словенски народи. Поради историските околности, во средновековието, македонскиот народ има застој во изградбата на литерарната форма на јазикот и во создавањето на литературата. Но јазикот опстојувал во народот и неговото творештво, градејќи ги своите специфики.

Контрадикторноста се јавува со оглед на различните пристапи во поимањето на нацијата. Во светски размери постои политички пристап кој ја изедначува нацијата со политичко-правниот систем на дадениот период. Дури се оди, своевремено, и дотаму што олицетворението на политичкиот систем во Советскиот сојуз се зема како конечен облик на нацијата. Тогаш таа е дефинирана како политичка заедница врз националната територија. Територијата е менлива, одредива, значи е географска одредница. И таквото гледање има своја инерција во денешните гледања дотолку повеќе што концептот за нацијата како политичка заедница постои и на Запад. Лежерно се прифаќа евентуалното ново име за нашата држава. Па може и да се предложи името „Република Македонија“, претпоставувајќи го делот од географската територија Македонија, што никојпат не би се скратило како Македонија, за употреба во меѓународниот промет.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top