Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, неодамна го објави романот „Матис“ на рускиот писател Александар Иличевски, награден со високата книжевна наградата во Русија – „Руски Букер“, во превод од руски јазик на Ленче Тосева.
Романот „Матис“ има повеќе изданија на руски јазик во десетици илјади примероци и е преведен на повеќе јазици. Напишан е со густа симболика и величествени слики; со поетичен јазик, необични метафори и смели ликови.
Главниот херој – физичарот Королјев, преживувајќи криза на идентитетот, решава да го промени својот живот и да живее како бездомник, со надеж дека ќе успее да се пронајде себеси, внатрешната слобода и одговорите на безбројните прашања што го измачуваат: Кој е тој? Дали е мртов или жив? Која е неговата татковина? Соништата се менуваат со реалноста, мислите со сеќавањата, а со сложеното осмислување на секој поглед, звук момент, дел од минатото, Иличевски ни разоткрива еден интелектуален но флуиден лик кој плива низ реката на животот, низ панорамата на современата Русија, губејќи се во лавиринтот на сопствените желби и сопственото јас. Плива низ безумието кое царува во деведесеттите години на дваесеттиот век низ целата руска држава заедно со уште двајцата други бездомници – Вадја, зборлив, груб и итар и Надја молчалива, плашлива, со малку заостанат развој. Преку јасното и деталното исцртување на филозофијата на бездомничкиот живот на ова колоритно трио, на нивните едноставни но суштински меѓусебни односи, авторот нè предизвикува на размислување околу суштината на битисувањето, слободата и осаменоста…
Александар Викторович Иличевски (1970) е современ руски писател – прозаист и поет, роден во Сумгаит, Азербејџан. Се занимава со теориска физика на научните институти во Москва, Израел и Калифорнија. Интересот кон егзактните науки што го пројавил уште како дете го одвел најпрвин на Факултетот за физика и математика, а потоа на Факултетот за општа и применета физика на Московскиот институт каде што дипломирал теориска физика. Автор е на неколку книги со поезија, раскази, есеи, како и на неколку романи. Популарноста ја стекнал со романите „Матис“, за кој ја доби наградата „Руски Букер“ за 2007 година, „Персиец“ – наградата „Баљшаја книга“ за 2010 година, „Математичар“ и „Анархист“, кои, всушност, претставуваат тетралогија насловена како „Војници на апшеронскиот полк“. Освен двете споменати високи награди, добитник е и на уште неколку книжевни награди. Користејќи материјал од современиот живот, авторот обработува горчливи теми и животни ситуации, јасно разобличувајќи ги слабостите на модерната цивилизација. Неговите текстови се потресни и филозофски, заситени со густа симболика и со величествени слики. Таков е случајот и со неговиот роман „Матис“, каде што уште на првите страници читателот сфаќа дека ова патешествие е крајно необично.
„Матис“ е првото дело на Иличевски преведено на македонски јазик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.