Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски со партиска делегација денеска пристигна во тридневна работна посета на Брисел, каде вечерва во Европскиот парламент се сретна со претседателот на Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ), Дејвид Мекалистер, а потоа и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во неговата изјава по двете средби вечерва, Груевски истакна дека единствена цел во разговорите и неговата псоета на Брисел е да се најде начин да и се помогне на Македонија да го забрза својот од кон евро-атлантските интеграции.
– Најпрво се сретнав со господинот Мекалистер, кој е и потпретседател на Европската народна партија и член на Европарламентот, а потоа и со претседателот на Евросоветот, Доналд Туск. Со двајцата разговарав во правец на тоа да и се помогне на Македонија, да се прнесат информациите од Македонија, односно што е она што се случува и што се очекува да се случува и како може Македонија и понатаму да напредува. Она што ми беше главната поента на мојата дискусија беше дека Македонија предолго го чека членството во ЕУ, а дека тоа ни е одамна заслужено. Досега се направени повеќе бранови на реформи. Секогаш ќе има и нови бранови на реформи, па еве сега следува нов бран, а по некое време ќе има нов итн. Тоа е така насекаде и во секоја земја. Но, предолго се чека за членство во Европската унија, а се разбира и во НАТО, посочи Груевски.
Поранешниот македонски премиер, вели дека на Мекалистер и Туск им порачал дека Македонија треба да почне да преговара за членство во ЕУ, а не да се говори за некакво одмрзнување на препораки и слично.
– Укажав дека е време да се најде начин да и се помогне на Македонија да ги почне преговорите. Не да говориме за одмрзнување на препораки и слично, туку за почеток на преговорите, отворање на поглавја и завршување на тие преговори, што ќе заврши со членство на Македонија во Европската унија. Од тој аспект, јас укажав дека ние како ВМРО-ДПМНЕ сме подготвени во македонскиот Парламент да дадеме поддршка за се што ќе процениме дека ќе биде од корист за граѓаните и за државата. Нормално е дека како опозиција и ќе го критикуваме тоа што ќе дојде, а што ќе сметаме дека можеби не е најдобро срочено и обмислено, додава Груевски.
Првиот човек на најбројната политичка партија во Парламентот на Република Македонија, исто така, на првите луѓе на АФЕТ-групата во Европарламентот и на Европскиот совет им ја презентирал и актуелната политичка состојба во Македонија, предизвиците со кои се соочува земјата и ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија и што следува во иднина.
– Но, и на двете средби, како со Мекалситер, така и со Туск, главниот акцент го поставив на иднината на Македонија и на што е можно побрзото членство во Европската унија, рече Никола Груевски.
Освен со оваа висока европска двојка, Груевски и делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во текот на утрешниот ден ќе оствари средба и со Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини. Сепак, централен настан од дводневната посета на поранешниот премиер на Република Македонија на Брисел е утрешниот Самит на Европската народна партија (ЕПП), најбројната пратеничка група во Европарламентот, чија придружна членка е и ВМРО-ДПМНЕ.
На овој Самит на ЕПП, кој ќе се одржи во Кралската академија на Белгија, покрај Никола Груевски, ќе присуствуваат и Туск, челникот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани. Исто така, најавено е и присуство на Ангела Меркел (канцеларка на Германија), како и на премиерите Маријано Рахој (Шпанија), Никос Анастасијадис (Кипар), Клаус Јоханис (Романија), Бојко Борисов (Бугарија), Виктор Орбан (Унгарија), Андреј Пленковиќ (Хрватска) и Лео Варадкар (Ирска).
Присуството на настанот со челниците на Европската унија, како и неговите билатерални средби со првите луѓе на ЕУ, Груевски и делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да го искористат за унапредување на соработката што неговата партија ја има со истите, како и за забрзување на македонските евро-атлантски интеграции, со оглед на тоа што агендата за итно членство на Македонија во Унијата и НАТО е врвен приоритет на ВМРО-ДПМНЕ и неговото раководство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)