| четврток, 6 декември 2018 |

Од СДС зависи дали лекарите од август ќе земат повисоки плати

На иницијатива на пратениците-лекари од партјата, а со поддршка и од останатите пратеници од паријата и коалицијата „За подобра Македонија“, ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе поднесе Предлог-закон за докторска дејност.

Овој предлог-закон го поднесуваме бидејќи иницијативата за ваков закон се јави уште од претходниот мандат, од пратениците доктори од тој состав и беше предвидено овој закон да биде донесен до крајот на мандатот, но поради политичката состојба во Република Македонија овој закон не го виде дневното светло, рече на прес-конференција Зоран Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Најголема придобивка од донесувањето на овој закон е предвиденото вреднување на докторскиот труд односно утврдување на висината на платата преку колективен договор, која што би ја земале општите доктори и докторите специјалисти од примарното, секундарното и терцијалното здравство.

Со овој закон се предвидува платата на докторите специјалисти да изнесува четири и пол просечни плати или 100.000 денари нето-плата, додека пак платите на општите доктори да изнесува две и пол просечни плати односно 56.000 денари нето-плата, рече Ѓорѓиевски.

Покрај утврдување на висината на платите на специјалистите и општите доктори, со овој закон се нуди и системско решение со кое, како што сметаат од партијата, ќе се подобри квалитетот на здравствениот кадар и на здравствените услуги за граѓаните и ќе се спречи одливот на здравствените мозоци во странство.

Оттука, како пратеници, сигурни сме дека со ова законско решение најмногу добива македонското здравство преку поквалитетни услуги на докторите и посветеноста во односот на докторите кон пациентите. Бидејќи во предизборието од страна на СДС на оваа фела и се ветуваа промени во работењето и валоризација на трудот на докторите, ние како ВМРО-ДПМНЕ сакаме да го дадеме нашиот придонес со овој мотивациски и стимулативен закон како конструктивна опозиција, со цел да се подобри дигнитетот и достоинството на оваа фела, рече Ѓорѓиевски.

Тој исто така нагласи дека со овој предлог закон се заокружува еден огромен пакет мерки на ВМРО-ДПМНЕ за подобрување на здравството во нашата држава, како што рече, покрај инвестициите во набавка на современа опрема низ сите здравствени установи во Република Македонија, реновирање и изградба на нови здравствени објекти, стручната доедукација на кадрите во Македонија и странство.

Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ очекуваме од парламентарното мнозинство на чело со СДС да го поддржат овој закон поради тоа што беше ветено од нивна страна во предизборниот и постизборниот период, рече Ѓорѓиевски, додавајќи дека сметаат оти ова е позитивна мерка. Тој изрази надеж дека од август или септември оваа година докторската фела ќе може да го почувствува зголемувањето на платите.

На прес-конференцијата беше напоменато дека овој закон е работен во консултација со Лекарската комора, Здружението на лекари и Синдикатот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top