| четврток, 6 декември 2018 |

Шпанија е првата репрезентација која обезбеди полуфинале на ЕП во Полска (видео)

Шпанија е првата репрезентација што обезбеди место во полуфиналето од ЕП за млади играчи откако „црвената фурија“ синоќа славеше над Португалија со 3-1. По убедливата победа над Македонија, Шпанците одиграа уште еден беспрекорен натпревар во кој знаеја да си ги искористат шансите и на крајот заслужено да стигнат до цел плен.

Слично како и на дуелот со Македонија, Шпанците во првите десетина минути целосно му ја препуштија контролата на противникот. Резултатот исто како и пред три дена го отвори Саул Нигез. Фудбалерот на Атлетико Мадрид тргна во дриблинг, маестрално се ослободи од неколку противники фудбалери, за потоа со силен и прецизен удар од далечина да го совлада португалскиот голман.

На 2-0 во второто полувреме зголеми Сандро Рамирез на асистенција на Деулофеу, а Португалија до крајот успеа само да го ублажи поразот со евроголот на Брума, кој со волеј удар од над 20 метри ја затресе мрежата на Шпанија. Конечните 3-1 во 93. минута ги постави нововлезениот Инаки Вилијамс, гол со кој фудбалерот на Атлетик Билбао само го потврди раскошниот талент и голгетерскиот инсинкт што го поседува.

„Црвената фурија“ со две победи веќе си го обезбеди првото место и пласманот во полуфиналето, додека на Португалија и останува да брка триумф над Македонија, па да се надева на место во Топ 4 како најдобра второпласирана селекција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top