| четврток, 6 декември 2018 |

Историско реми на Европските првенства, Македонија беше на дофат на победата! (видео)

Во вториот натпревар на Европското првенство во Полска, македонската репрезентација до 21 година ремизираше со врсниците од Србија, 2-2 (0-1) со што го освои првиот бод на Европското првенство.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски беа на дофат на победата бидејќи успеаја во второто полувреме да направат пресврт по негативата од првиот дел, и да имаат предност до 89 минута, но Србите стигнаа до израмнување преку капитенот Ѓурѓевиќ.

Србија влезе во мечот поангажирано особено на средината на теренот и со пресинг игра лесно доаѓаа до поседот на топката. Бабунски, Николов, Барди и другарите не можеа да се снајдат на ваквото темпо кое го наметнаа играчите на селекторот Лалатовиќ и ги губеа топките во фазата кога требаше посериозно да се нападне голот на Милинковиќ-Савиќ.
Кога се чинеше дека Македонија воспостави теренски баланс, во 24. минута промивме гол. По една збркана акција, топката стигна до Гачиновиќ и фудбалерот на Ајнтрахт Франкфурт од 6-7 метри небранет од никого ја погоди мрежата на Алексовски. Сепак, во моментот на додавање стрелецот беше во недозволена позиција, а судиите тоа не го забележаа.

Играчот на Ливерпул Марко Грујиќ можеше многу рано да го реши мечот уште во 35 минута, излезе еден на еден со Алексовски, но вардаровиот голман со одлична интервенција спречи поголема негатива.

Во последните мигови од првиот дел Барди од слободен удар го загреа Вања Млинковиќ – Савиќ, но на одмор Србите заминаа со минимална предност (1-0).

На стартот од второто полувреме, Македонија повторно се закани од слободен удар. Енис Барди шутираше од 20 метри, под гредата, но голманот Вања Милинковиќ – Савиќ одбрани и исфрли во корнер.

Возрати Србија со одлична можност. Андрија Живковиќ го проигра Мијат Гачиновиќ во празно, но Алексовски истрча, влезе во шут и спаси втор погодок за северниот сосед.

Македонија покажа многу повеќе желба за израмнување, а селекторот Благоја Милевски повлече потег со уфрлување на свежи фудбалери од клупата, Никола Ѓорѓев и Ељиф Елмас. Токму Елмас беше главен креатор на акцијата по која беше досуден пенал за Македонија. Продре по левата страна, нафрли, топката удри во раката на Андрија Живковиќ и судијата Боби Маден покажа на белата точка. Енис Барди беше успешен реализатор во 64.минута.

Србија тргна по втор гол, но Елмас му подготви шанса на Радески, кој шутираше слабо со левата нога и не го изненади противничкиот голман.

Тоа беше најава за вториот гол за Македонија. Во 83.минута, Радески ја имаше топката, но Ѓорѓев му ја зема од нога, сигурен во себе, се реши на удар од 20 метри, и постигна прекрасен еврогол. Четири минути подоцна и Бобан Николов упати проектил, но над голот.

Србите имаа одлична шанса преку Ожеговиќ, но Алексовски со извонредна интервенција го спаси голот. Но, во 90.минута, Урош Ѓурѓевиќ го израмни резултатот. Се најде на вториот дирек по центаршутот од десната страна и ја погоди мрежата. Веќе во следниот напад, Србија можеше да поведе, но Алексовски имаше голема среќа. Живковиќ шутираше со глава, и го погоди дирекот од голот на нашиот национален тим.

На крајот, реми во Бидгошч (2-2), можеме да жалиме за победата, но и да се радуваме поради првиот историски бод и двата гола што Македонија ги оствари на ЕП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top