Во Битола утре почнува петтото јубилејно издание на „Битола Шекспир Театар“. Програмата на ова издание е поставена и на веб страницата на Европската асоцијација на Шекспир фестивали во која членуваат земји од целиот свет. Во најавата е нагласено дека идејата за создавање на Битола Шекспир фестивал потекнува од 2012 година кога Битолскиот театар со особен успех настапи со претставата „Хенри VI-трет дел“ на фестивалот „Глоуб“ во Лондон…Во пресрет на јубилејното издание поразговаравме со Валентин Светозарев, директор на Народниот театар-Битола и директор на Битола Шекспир театар, за почетоците, значењето и годинешнава програма…
„Битола Шекспир театар“ се етаблираше како фестивал кој ги обединува најдобрите остварувања на театарските куќи од светот кои презентираат свежи и смели пристапи кон творештвото на најголемиот драмски автор на сите времиња. Зошто Шекспир? Што беше предизвикот за да се одлучите за овој автор?
Има неколку причини!Но ќе тргнам по ред: Една од назначајните карактеристики на Битола е секако културата . Кога зборувам за ова не мислам само на актуелниот историски миг туку мигот го разгледувам во контекс на една богата и исклучително долга културна историја како нераскинлив дел од сеопштата наша историја. Еден силен факт во тоа наше минато се наметнува како главен заклучок. Тоа е фактот дека Битола од секогаш се чуствувала ( и се уште се чувствува ) како рамноправен чинител во светската култура.Битола никогаш не дозволила во тој смисол да биде ” касаба” “провинција” или “паланка”.и тоа не го дозволувала токму заради богатиот и содржаен културен живот.
Долга е листата на културни дејци и настани кои ќе ја подржат оваа моја теорија .Јас ќе спомнам само еден лик т.е. настан. Керим -Бег. Отоманска империја . Заостаната скоро феудална држава . Овој човек се “дрзнува” во центарот на градот врз „темелите” на старите турски гробишта да изгради Театро -Битолскиот театар како врата на Битола кон тогашна културна Европа.Театарот не бил изграден ни со царски декрет ни како државна стратегија.Бил изграден како потреба на Битолчани да покажат дека се дел од светот ( за жал подоцна овој прекрасен објект со огромно историско и културно значење беше безочно срушен и уништен од една наша „народна„ власт) Но за среќа рушењето на театарот не значеше рушење и на духот. Во тој театар се роди првиот македонски Хамлет со актерот Ацо Стефановски а во Режија на Љубиша Ѓоргиевски. Битолскиот театар е далеку пред сите театри во Македонија со бројот на поставени дела од Вилијам Шекспир во својата скоро 75 годишна историја.
И на крајот можеби најсилната причина за раѓањето на овој фестивал е нашето учество на културната олимпијада во Лондон во Глоб Театарот со претставата Хенри VI третиот дел во режија на Џон Блондел од Америка.Таму во друштво со триесетина театри од светот за првпат прозвучи македонскиот јазик кој со својата поетика изигран и изговорен од нашите брилијантни актери ја плени не само публиката туку и строгата лондонска театарска критика .
И …. Решивме ,симболично да ги споиме познатата трагична маска од Хераклеа со најголемиот драматург и “театарџија” на сите времиња во првиот Битола Шекспир Фестивал точно пред 5 години.
Пред нас е уште едно издание на Фестивалот. Што донесува овој пат? Колку гостувања има и кои претстави ќе може да се гледаат?
-На прагот сме на петтото издание.Мислам најбогато од сите претходни и по квалитет и по број на претстави.Една од главните карактеристики на годинешото издание е големиот број на македонски претстави чие создавање и беше на некој начин потикнато од нашиот фестивал .Ова верувајте не се празни зборови.Погледнетеа ја репертоарната политика на театрите пред и по нашиот фестивал.
Фестивалот ќе го отвориме со колаж од шекспирови дела во изведба на нашиот театар и со учество на групата Фолтин.Тоа се претстави кои настанаа во последните седум години а добар дел од нив се се уште на нашиот редовен репертоар. Годинава на програмата на фестивалот се следниве претстави: Отело НУ Турски театар, Скопје / Македонија, Режија: Дејан Пројковски; Симбелин Драмски и куклен театар „Иван Радоев“, Плевен / Бугарија, Режија: Лили Абаџиева; Венецијанскиот трговец НУ Драмски театар, Скопје / Македонија, Режија: Наташа Поплавска; Нина Мазур ( монодрама по мотиви од трагедијата „Хамлет“ на В. Шекспир ); Сонот на Хамлет Академски Драмски театар, Владимир / Русија, Режија: Линас Мариус Заикаускас, Актер: Александар Аладишев; Ричард Трети НУЦК „Ацо Шопов” , Театар Штип / Македонија, Режија: Пламен Марков; Хамлет – стапица Казак Драмски театар, Караганди / Казакхстан, Режија: Куандик Касимов; Сон на летната ноќ Куклен театар Тандарика, Букурешт / Романија, Режија: Кристијан Пепино; Ричард Трети Театарска компанија Лит Мун, Санта Барбара Калифорнија / САД, Режија: Џон Блондел;Магбет (монодрама по мотиви од трагедијата „Магбет“ на В. Шекспир) Театар Контра, Спишка Нова Вес / Словачка, Режија, адаптација и дизајн: Клаудина Розин, Актер: Петар Чижмар со поддршка на Советот на уметници на Словачка; Дванаесетта ноќ (Ноќ спроти Водици ) НУЦК „Антон Панов” Театар, Струмица / Македонија, Режија: Дејан Дамјановски и Сон на летната ноќ Театар Комедија, Скопје / Македонија, Режија: Андреј Цветановски.
Станува збор за јубилејно издание, петто по ред. Изминативе години се создаде континуитет и квалитет во програмата. Кога ќе се вратите на почетоците…очекувавте ли ваков резултат кога ја почнувавте идејата за Фестивалот? Беше ли тешко сето ова да се организира?
-Кога се случи првото издание искрено мислев дека се работи за почетничка среќа како што обично се случува кога нешто правите за прв пат. За среќа не бев во право и сметам дека фестивалот се движи по една стабилна фестивалска траекторија трасирана од сите вработени на Народниот Театар Битола и силно подржана од Министерството за Култура и општина Битола како исклучителен пример за одлична соработка меѓу централна и локална власт.Ќе ми дозволите да споменам и три имиња во овој контекст кои силно се вградија себе си и својата креативна енергија во овие пет години на фестивалот.Благој Мицевски уметничкиот директор на НТБ,Владимир Талески градоначалникот на Битола наш колега и еден од македонските Хамлети и секако бившата министерка за култура госпоѓа Елизабета Канческа Милеска без чија театарска интуиција и храброст да се впушта во нови креативни предизвици тешко дека ќе се родеше уште помалку одржеше овој сега веќе слободно можеме да кажеме светски фестивал.
Дали како резултат на гостувањата на театри од странство се созадоа соработки со домашни театари, актери, режисери? Имаше ли гостувања во странство? Каде настапивте со кои претстави?
-Пред малку не случајно го споменав Керим -Бег. Ако тој во 18 век го антиципирал театарот како културна врата кон Европа би било логички ние само да ја продолжиме, зацврстиме , продлабочиме , подобриме рашириме и т.н таа наша културна конекција со светот. И не само тоа .Нашиот фестивал „кумуваше” на многу врски кои се случија и помеѓу други театри , ,актери, режисери, драматурзи музичари и т.н..
Како поредно или непосредно влијание се случија следните гостувања и меѓународни претставувања на Битолскиот Народен театар.
Со веќе споменатата „Хенри VI“ третиот дел бевме во Лондон, Пекинг, Санта Барбара.
Со претставата Ромео и Јулија во режија на Дејан Пројковски бевме во Санкт Петербург, со „Отело“ на Диего де Бреа бевме во Акко, Израел и во Нови Сад, Србија. „Антоние и Клеопатра“ од Џон Блондел ја игравме во Санта Барбара, САД, со музичко сценскиот перфоманс „Засекогаш Шекспир“ бевме во Санкт Петербург, Русија и.т.н.
Разговараше: Невена Поповска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Вечерва почнува „Битола Шекспир Фестивал“: Претставата „Јулие Цезар (Res publica или Cosa nostra)“ го отвора фестивалот
-
Александар Аладишев, руски актер: Театарот е универзален јазик
-
Со музичко-сценски „Шекспир колаж“ почна „Битола Шекспир фестивал“
-
Валентин Светозарев: Донесовме одличен театарски продукт во Битола!