Зад нас е уште едно издание на театарскиот Фестивал „Битолски Шекспиров фестивал“ (Bitola Shakespeare festival). Какви се Вашите впечатоци?
Светозарев: Годинашниот „Битолски Шекспиров фестивал“ (Bitola Shakespeare festival) донесе една исклучително интересна и разновидна програма, која ни ја донесоа театарски ансамбли од неколку земји .Би сакал посебно да го нагласам големиот уметнички квалитет на сите нив одделно. Ова година наши драги гости беа театри од Израел, Русија , Србија , Полска , САД и, секако, од Македонија. Интересот кај публиката беше огромен и сето тоа нѐ прави да бидеме задоволни од тоа што успеавме како театарски продукт да го донесеме во Битола и, секако, нѐ обврзува в година да отидеме и чекор понатаму, пред сѐ, тука мислам на квалитетот на понудената програма.
На свеченото отворање Вие како директор место протоколарен говор на сцената изведовте песна од „Рејдиохед“. Тоа, несомнено, ги помести границите и очекувањата на публиката. Чија беше идејата за необичното отворање на Фестивалот?
Светозарев: Идејата за свеченото отварање дојде спонтано. Некаде на почетокот на оваа година со актерите на познатиот петербуршки театар „Вера Комисаржевскаја“ разговаравме за некаков заеднички проект. Сакавме тоа да биде не голем по обем како легендарната „Ромео и Јулија“ со која пред четири години го отворивме фестивалот, а една година пред тоа и „Охридско лето“, туку нешто помало, а сепак значајно и вредно. Пред сѐ, беше идејата за активна партиципација на култната битолска група „Фолтин“, која и беше активен учесник во овој музичко-сценски перформанс, кој го нарековме „Шекспирфоревер“ („Shakespeare4ever“) . Можам да кажам дека јас бев главниот координатор на таа неколкумесечна креативна комуникација за на крајот да „стегнам заби“ и самиот да учествувам во овој перформанс. Ете така се случи тоа. Особено ме радува фактот што постои огромен интерес оваа наша музичко-сценска претстава да гостува во Русија затоа што, да не заборавиме дека гостите од Русија, исто како и нашите актери, се големи и популарни театарски имиња во својата земја.
Со своето четврто издание, кое се одржа од 23 јуни до 1 јули, фестивалот е рамноправна членка на Европската асоцијација на Шекспирови фестивали. Што значи тоа за фестивалот?
Светозарев: На годинашното јубилејно издание на Шекспировиот фестивалот во Крајова, Романија се одржа редовната конференција на Европската асоцијација на Шекспирови фестивали. Уметничкиот директор на Битолскиот театар и на „Битолскиот Шекспиров фестивалот“, Благој Мицевски, на неа ги презентираше досегашните изданија на фестивалот и ги запозна претставниците на европските фестивали со историјата и со концептот на македонскиот фестивал. Исто така, ја изрази желбата в година на фестивалот во Битола да организира годишна конференција на Асоцијацијата во Битола, со што другите членки одблиску би се запознале со можностите и со атмосферата на фестивалот во Битола.
По предлог на двајца претставници, а со гласање, на конференцијата беше решено „Битолски Шекспиров фестивал“ веќе оваа година да стане рамноправен член заради заложбите и успехот во реализирањето на толку обемна и разновидна програма што го слави и презентира делото на Шекспир во овој дел на Европа.
Особено сме горди и среќни што Асоцијација го препозна квалитетот на овој фестивал и тоа што тој во иднина ќе стане важно место на европската мапа на Шекспирови фестивали.
Во тек е изработка на специјален сегмент на нивната веб-страница, кој ќе го претставува нашиот фестивал , но со особено задоволство можеме да истакнеме дека уште за време на ова четврто издание интересот за учество на идното издание е видно зголемен.
Добиваме писма со намери за гостувања од Англија, Грција, Грузија, Полска итн. А се надеваме дека преку асоцијацијата ќе имаме подиректен пристап до претстави од значајни европски режисерски имиња. Исто така, се отвораат можности за заеднички апликации со други фестивали за проекти финансирани од Европската унија.
Во европската асоцијација, инаку, членуваат фестивали од Полска, Чешка, Србија, Германија, Франција , Ерменија и др.
Разговараше: Невена Поповска
(Текст објавен во 203. број на неделникот „Република“, 22.07.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.