| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО ДПМНЕ бара дислокација на депонијата: Над 100 илјади лица се потенцијални жртви од еколошката катастрофа

Струга и стружани денеска повторно се разбудија обвиени во смог. Над 100 илјади лица во општина Струга, во општина Охрид и општина Вевчани, се потенцијални жртви од еколошката катастрофа која со денови се случува, а за која надлежните органи не превземаат конкретни мерки.

Примарна работа е да се изгасне депонијата, но за жал гледаме дека надлежните немаат капацитет или немаат волја да го сторат тоа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Сепак самото гасење на депонијата нема да го реши овој проблем, дотолку повеќе што постои опасност повторно да се запали, но истовремено да ја контаминира земјата и подземните води кои се влеваат во Охридското езеро и во реката Црн Дрим. Растопени пластики, гуми и разновиден отпад исполнет со хемикалии ќе тлее со денови и ќе понира во земјата.

ВМРО-ДПМНЕ бара надлежните институции уште денес да почнат со итна дислокација на депонијата која се наоѓа на стотина метри од првите куќи од градот и само на стотина метри од реката Црн Дрим, и на километар од Охридското езеро.

-Секој изгубен ден и час е на штета на граѓаните. Парцијалните и несоодветни решенија кои локалната власт заедно со централната ги превзема не го решаваат проблемот кој е директна закана по здравјето на сите во градот Струга. Доколку надлежните институции не отпочнат со целосно решавање на еколошката катастрофа и соодветно дислоцирање на депонијата и деконтаминирање на овој простор, ние ќе превземеме следни чекори. Ќе ги искористиме сите демократски и граѓански методи кои ни стојат на располагање, од протести, блокади, па дури и до граѓанска непослушност, бидејќи се работи за нашето здравје и здравјето на нашите деца, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top