| четврток, 6 декември 2018 |

ДПМ ќе објави Зборник со 540 членови за 70-годишниот јубилеј на писателската асоцијација

По повод јубилејот 70 години од основањето, Друштвото на писателите на Македонија наскоро ќе објави Био-библиографски зборник со 540 членови на македонската писателска асоцијација.

Најновиот проект на ДПМ ќе ги претстави сите генерации македонски автори, од основоположниците на Друштвото на писателите, Блаже Конески, Славко Јаневски и Ацо Шопов, до најмладите генерациии на македонската книжевна сцена. Во ова, до сега најобемно и најсеопфатно издание посветено на писателите во Македонија, ќе бидат нотирани околу  12.000 наслови објавени на македонски, албански, турски, српски, влашки, ромски, хрватски и бошначки јазик. Станува збор за дела од областа на поезијата, романот, расказот, критиката, есеистиката, литературата за деца, драмата и книжевната наука.

Преку означување на првите изданија на сите наслови објавени од ослободувањето до денес, зборникот на ДПМ ќе го претстави богатството на современата македонска литература во најзначајните фази од нејзиниот развој, како важен влог во македонската национална и културна историја.

Друштвото на писателите на Македонија е формирано во 1947 година. Во земјата, ДПМ е асоцијација на уметници со најдолга традиција и со најголем број членови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top