На скопскиот плоштад „Македонија“ од 16 до 25 јуни ќе се одржи 12. Меѓународен уличен фестивал „Баскерфест“. Годинава повторно театарот под ведро небо ќе понуди голем број атракции за посетителите.
Списокот на забавни артисти кои ќе донесат радост на Баскерфест е долг. Од светски шампиони, до музичари кои свират фламенко музика.
– Оваа година на фестивалот ќе ве забавуваат околу 50 баскери и музичари, а како дел од музичката програма ќе се појават и неколку познати македонски бендови. За првпат оваа година со свое шоу ќе се престават и најмладите артисти од „Orange Kids Club” – соопшти организаторот.
На скопскиот плоштад „Македонија“ секојдневно ќе има забава од баскер артисти од целиот свет. Меѓу гостите се Господин и госпоѓа Бабл чиј настап е интерактивен, а публиката е поканета буквално да влезе во огромен меур од сапуница. Двајцата херои се одлични во правење магија со сапуница.
На „Баскерфест“ ќе гостува и „Барбароса“ – бразилските перкусии се срцето на тоа што тие го работат. Комбинација од музика во живо и танц, која ќе ги разигра сите посетители.
Кристијан Бенито е надежен македонски илузионист и жонглер, омилен меѓу најмладите. Тој магично ја преобразува улицата во театар. Неговото шоу е составено од жонглирање и илузии зачинети со хумор.
Јаника Белиза е перформанс уметник која го истражува движењето низ танц со обрач. Како професионален танчер со оган од 2005 година патува низ светот, создавајќи магија со своите необични настапи.
Линда Велар „Хипнозис“- Ова не е обично улично шоу. Тоа е магична церемонија која потсетува на акробатика. Најсреќните во публиката ќе имаат привилегија да доживеат хипноза, која ќе им даде моќ да практикуваат акробатски позиции за кои не ни сонувале дека може да ги направат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.