Во организација на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје од понеделник, 12 јуни, започнува со работа првата поетско-ликовна колонија „Нацртај песна“. На колонијата ќе земат учество десет академски сликари од странство и Македонија кои ќе создаваат дела од поезијата на десет македонски поети.
Колонијата ќе работи до 15 јуни а своето учество го потврдија сликарите: Драган Мијац – Бриле и Јакша Чаласан од Црна Гора, Мирослав Живковиќ од Србија, Роман Кисјов од Бугарија и Сергеј Андреевски, Емил Шулајковски, Илија Стојковски, Јасмина Трпевска, Александра Ацеска и Христина Маневска од Македонија.
Сликарите ќе работат во просториите на Библиотеката а ќе бидат инспирирани од песните на Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Љубен Ташковски, Петар Т. Бошковски, Јован Котески и Чедо Јакимовски.
Колонијата ќе започне со работа во понеделник во 12 часот, со средба со сликарите и изложба на цртежи од ученици од основни училишта од Скопје. Завршната свеченост ќе се случи на 15 јуни (четврток) во 20 часот со литературно читање, прзентација на создадените дела и настап во живо на позната скопска музичка група во дворот на Библиотеката.
Првата поетско – ликовна колонија „Нацртај песна“ е поддржана од Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.