| четврток, 6 декември 2018 |

ДЛУМ „Цртеж-Експериментален цртеж“

Друштвото на ликовни уметници на Македонија  во соработка со Министерството за култура на Р. Македонија и Галерија „КО-РА“ – Дом на културата „Кочо Рацин“  организираат отварање на изложбата „Цртеж-Експериментален цртеж“ која што ќе се одржи на 04 мај (петок) 2018 година во Галерија „КО-РА“ – Дом на културата „Кочо Рацин“  во Скопје со почеток во 20 часот.

Проектот „Цртеж-Експериментален цртеж“, тежнее кон разработен процес на крајно радикални отстапувања од институционалните вредности на самиот цртеж и неговото „ограничување“ и поврзаност со медиумот хартија како негов фундамент т.е. поддржувачки материјал.

Иако цртежот е во целост независен медиум, основниот акцент за овој концепт е ставен на критичкото преиспитување на природата и вредноста на цртежот во комбинација со широк спектар на уметнички техники и дисциплини.

Почнувајќи од неговите традиционални форми, вметнати како дел од современите концепти, па сé до критичкото претставување и проширување на дефиницијата за медиумот во релација со гестикулацијата и формата, современиот цртеж не ги исклучува традиционалните техники, туку често го проширува полето на истражување и експериментирање вклучувајќи ги и соодветните радикални трансформации.

Изложбата е селективна и на неа ќе земат учество 30-тина автори членови на Друштвото. Во оваа селекција ќе бидат прикажани цртежи кои можат да бидат дефинирани и како ко-продукт на други видови на креативни процеси, ставајќи го акцентот на нивната интердисциплинарна, когнитивна, перформативна или комуникативна функција.

Сите селектирани дела ги прикажуваат основните на современиот цртеж почнувајќи од развој на линијата на пикторијален план, па сé до неговите дигитални модификации, со што се потврдува неговата линеарна автономија и неговата концептуална контрола над останатите медиуми.

На изложбата меѓу останатите учество ќе земат Александар Јанкуловски-Цане, Мирко Вујисиќ, Маја Кировска, Стефан Димовски, Марина Лешкова, Марија Светиева, Кирил Гегоски, Наташа Андонова, Новица Трајковски и други.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top