| четврток, 6 декември 2018 |

Нови протечени е-пораки потврдуваат: Кризата во Катар се развивала во САД

Неименуван извор, кој на крајот од минатата недела обелодени електронски преписки меѓу моќен амбасадор и важни личности од американската заедница за надворешна политика, во неделата со „Хафингтон пост“ сподели нова серија приватни пораки само неколку часа пред да избие новата криза на Блискиот Исток

Новиот сет содржи пораки меѓу амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати во САД, Јусуф ал-Oтаиба, и високи претставници од администрацијата на Обама, како и личности од Атлантскиот совет, влијателна организација во Вашингтон, која добива средства од Емиратите, и Елиот Абрамс, истакнат функционер во администрацијата на поранешниот претседател Џорџ Буш, кој е популарен меѓу некои претставници од администрацијата на Трамп.

Доцна во неделата, Обединетите Арапски Емирати и три други пријателски земји на САД – Саудиска Арабија, Египет и Бахреин – објавија дека ги прекинуваат дипломатските врски со својот сосед, Катар, богата земја, каде што се наоѓа најголемата американска воена база во регионот. Преписките покажуваат дека амбасадорот и другите остро го критикуваат Катар.

Драматичната промена во дипломатските врски дојде по протекувањето пораки што покажаа дека Отаиба разговарал со поранешниот секретар за одбрана Боб Гејтс и со истакнати личности од тимовите на Буш и на Обама за својот презир кон Катар, неговата желба да ја затвори американската воена база таму и неговата поддршка за јавна критика на земјата. Пораките, исто така, покажаа дека нивото на тензија меѓу партнерите на САД, и покрај неодамнешната посета на претседателот Доналд Трамп на Блискиот Исток, и степенот на кампањата, чијашто цел е еден од најзначајните дипломати во САД.

Заедно со новиот сет пораки, изворот испрати порака во која тврди дека пораките треба да обелоденат како богатите странци ја искористуваат надворешната политика на САД за своја сопствена корист на штета на Американците. Изворот претходно негираше секаква поврзаност со Катар. „Хафингтон пост“ ја потврди автентичноста на шест од разменетите електронски пораки.

На 10 февруари 2015 година, Отаиба преку електронска порака му испратил на Абрамс врска до информација на веб-страницата на Атлантскиот совет во која се укажува дека Катар интервенира во Египет за поддршка на движењето Муслиманско братство и дека ја поткопува владата во земјата, предводена од поранешниот генерал близок до ОАЕ.

„Не сум го видел ова. Многу интересно“, пишува Абрамс, поранешен директор за демократија, човекови права и меѓународни операции во Белата куќа. „Штета што вооружените сили на Катар не може да … добро, јас не треба да кажувам такви работи. Тоа би било недемократски“.

Абрамс одби да појасни за „Хафингтон пост“ каква акција очекувал тој од војската на Катар. Во Египет, војската во 2013 година ја собори првата демократски избрана влада на земјата, во која доминираше Муслиманско братство.

Во една од електронските пораките Абрамс изјавува дека тој и Отаиба биле пријатели со години; дека често си пишувале. „Надворешната политика на Катар е предмет на многу од тие пораки, но по петнаесет години не видовме многу промени“, пишува тој.

Отаиба прави важна забелешка во втората потврдена размена на пораки во јули 2015 година. Аналитичарот во Атлантскиот совет Билал Саб во порака до амбасадорот препорачува документарен филм за правните проблеми на меѓународната фудбалска асоцијација, позната како ФИФА, чијшто избор за домаќин на Светското фудбалско првенство во 2022 година беше Катар. Отаиба одговорил: „ФИФА и Катар заедно во комбинација се олицетворение на корупција“.

Третата размена на пораки во август, 2014 година, покажува дека Саб му испратил на Отаиба врска до колумна за тензиите меѓу Катар и неговите соседи во порака насловена „работите се влошуваат…

Во неделата, Саб рече дека тој ги одржува односите со официјалните претставници во Катар и во ОАЕ и дека е разочаран од напорите за засилување на јавниот скептицизам во врска со Катар во САД, вклучувајќи ја неодамнешната конференција на Отаиба.

– Му побарав совет, му побарав увид, знаејќи многу добро дека, очигледно, [Отаиба] е некој што ги штити интересите на својата земја – рече Саб.

Четвртата потврдена размена на пораки била меѓу Џесика Ашу, истражувач во Атлантскиот совет, и поранешна вработена на ОАЕ, и официјални лица од владата на ОАЕ за изработување план за интервјуа за извештајот на кој Ашу работела со поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт и поранешниот советник за национална безбедност Стивен Хедли.

Сега директорка на политиката во „Редит“, Ашу во неделата рече дека кореспонденцијата се однесувала на работа што била целосно јавна и имала за цел да ѝ помогне на надворешната политика на САД.

Петтата и шестата размена на пораки се однесуваат на спорното прашање дека странски влади финансирале политичко истражување во САД. Во обелоденетите пораки се појавува преписка меѓу претседателот на Атлантскиот совет, Фред Кемпе, и Отаиба, каде што разговарале за финансирањето од страна на владата на Емиратите и барале помош во обезбедување спонзорство за конференција на советот.

„Сите наши средства од ОАЕ се наведени во годишниот извештај и во листата на донатори“, пишува Кемпе во електронска порака за „Хафингтон пост“.

Отаиба и две други лица именувани во преписките не одговараа веднаш на барањата за коментар. Претходно оваа недела, „Хафингтон пост“ ја потврди автентичноста на осум најзначајни преписки во претходниот сет електронски пораки што излегоа во јавноста.

Во порака од неделата, изворот повтори дека тие лично не се против ОАЕ или Катар. Веќе две недели Катар и ОАЕ отворено и жестоко се расправаат.

Во претходните преписки со „Хафингтон пост“, изворот тврдеше дека го поддржува претседателот Доналд Трамп поради честите изјави дека неговата администрација ќе се фокусира на американските интереси, пред сѐ.

„[Сетот обелоденети електронски пораки] ќе ви покаже како [ОАЕ] ги изигра двете страни и ‘за’ и ‘против’ Трамп во зависност од ситуацијата што покажува двоен карактер“, напиша изворот во неделата. „Тие, можеби, манипулирале со нашите медиуми во минатото, но нашите новинари ќе ја изнесат вистината на виделина кога ќе сфатат дека лобирањето од страна на заливот и африканските земји во САД е за нивни интерес, а не за интересот на Американците“.

Изворот ги користеше „ние“ и „јас“ наизменично во пораките; „Хафингтон пост“ сѐ уште не е во можност да потврди дали обелоденетите пораки доаѓаат од страна на поединец или група.

Прашан дали станува збор за група и дали тие се Американци, изворот напиша: „Претпочитам да не одговорам на тоа“.

Во понеделникот, амбасадорот на САД во Катар – критичар на напорите на Отаиба – ја потврди поддршката на Вашингтон за врската, и државниот секретар Рекс Тилерсон рече дека администрацијата на Трамп, можеби, ќе има модераторска улога во спорот.

Из­вор: „Хафингтон пост“
Пре­вод: Ана Цве­та­но­ска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top