| четврток, 6 декември 2018 |

Одржувањето на Фестивалот „Браќа Манаки“ доведено во прашање

Претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија, Роберт Насков, апелираше до Роберт Алаѓозовски и до Агенцијата за филм да се потпише договорот со Фестивалот за да тој може да се одржи, бидејќи во спротивно одржувањето на 38. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ ќе биде доведено во прашање.

– За жал кога директорот на Фестивалот, Благоја Куновски Доре ни ги соопштува новите лауерати во Клубот на великаните, мора да се занимаваме со она што е наш проблем, а тоа е дека ние како тим работиме за да што поквалитетно го подготвиме ова издание на фестивалот Браќа Манаки, ние се’ уште со Агенцијата за филм на РМ немаме потпишано договор за организација на овогодишното издание. Апелирам до Роберт Алаѓозовски да се заложи за решавање на овој проблем, бидејќи со Агенцијата за филм не можеме да дојдеме до никаква нормална комуникација  и да објасниме дека Фестивалот  мора да се подготвува подолго отколку што тие замислуваат, дека треба тоа да ни дозволат тоа да го направиме. Агенцијата за филм на чело со директорката Мими Ѓоргоска Илиевска  се однесува како да е тоа нејзина лична сопственост  како да средствата што тие треба да ги одделат за организација на овој фестивал се лично нивни и така се однесуваат. Во месец декември ние аплициравме на конкурсот за фестивали, навремено со целата потребна документација, меѓутоа, иако законскиот рок е за 60 денови тие да одговорат дали се прифаќа или отфрла нашата апликација,  како што сами сведочите, поминаа 6 месеци и ние од страна на Агенцијата немаме никаков одговор. Имамевме неколку разговори со директорката, но тие не вродија со плод, знаете што се случи, се појави уште една апликација која што имаше намера да го организира овој фестивал. Сметаме дека е тоа навистина непримерен чин од нивна страна и затоа апелираме што побрзо да се реши овој проблем. Сакам јавно да кажам дека ако во наредната недела не дојде до потпишување на овој договор, сериозно ќе биде доведено во прашање одржувањето на ова издание на фестивалот „Браќа Манаки“, кој треба да се подготви навремено и потребни се средства за филмовите, сите придружни материјали, сите логистички работи кои што се потребни за одржување на фестивалот итн. Затоа мора да се потпише договорот, за да тимот на фестивалот може квалитетно да го организира. Се надевам дека од Агенцијата ќе добиеме позитивен одговор и сите заедно ќе се радуваме на уште едно успешно издание, како што вчера се радувавме на европската титула на „Вардар“ – рече Насков.

Одговарајќи на новинарски прашања, директорот Куновски рече дека фестивалот и покрај проблемите се подготвува, а дека Агенцијата и другите установи треба да го овозможат затоа што се тие тука во служба на фестивалот и на културата со буџетски средства и тие конечно мора да се соочат со тој факт и да ја завршат својата должност. Насков додаде дека дел од планираните филмски програми нема да можат да бидат реализирани, бидејќи нема да може да се платат филмовите на дистрибутерите и тоа ќе биде на штета на публиката. Исто така нема да можат да се поканат на време сите планирани гости, сето ова сериозно го загрозува квалитетот на Фестивалот.

 

На денешната прес конференција беше презентирана статуетата на Златната камера 300 за животно дело која ја изработи скултурот Димитар Филиповски.

Мотото на новото издание на фестивалот Браќа Манаки е „Movie on,  Тouch the light! Тouch Bitola!“.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top