Марија Шарапова не се откажува од титулата на Ролан Гарос, иако против Јелена Јанковиќ катастрофално го загуби првиот сет со 0-6. Во продолжението, шампионката ја стабилизираше играта и со 6-4, 6-3 ги доби следните два сета, за нов пласман во полуфинале на Отвореното првенство на Франција. Во таа фаза кај дамите, Белорусија за првпат ќе има претставничка, благодарение на Азаренка. Популарната Вика со 7-6, 6-2 ја елиминира Марија Кириленко од Русија.
Актуелната шампионка Шарапова направи дури 20 неизнудени грешки во првиот сет, што експресно и неочекувано убедливо го загуби без освоен гем. Потоа се врати во игра и успеа да ја победи Јелена Јанковиќ.
„Иако одиграв катастрофално лошо во првиот сет, знаев дека можам да направам пресврт. Се трудев многу и напорно работев за да стасам до конечен триумф. Затоа сум среќна што повторно сум во завршницата на турнирот во Париз“, рече Шарапова, по 12. победа во серија на Ролан Гарос.
Двојната шампионка од Австралија опен, Азаренка, за првпат ќе игра полуфинале на Гарос, откако во два сета ја елиминира Кириленко. Во второто полуфинале ќе играат и Серена Вилијамс и Сара Ерани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


