Со премиерата на претставата „Ничија земја“ (20 часот) во адаптација и режија на Александар Морфов вечер ќе биде отворено четвртото издание на Меѓународниот театарски фестивал „МНТ Фест“, во организација на Македонскиот народен театар. Светски познатиот Морфов е добитник на годинашната награда на „МНТ Фест“ која Македонскиот народен театар ја доделува за исклучителни естетски достигнувања во областа на театарот.
Пред премиерата на „Ничија земја“ вечер, во 19:30 часот, ќе биде отворена изложба на Драган Гајиќ, кој се занимава со театарска фотографија.
Фестивалот ќе се одржува до 13 јуни под мотото „Создаваме на светов убавина“. На 5 и 6 јуни гостува Хуи опера и пекиншки оперски театар од провинцијата Анхуи со претставата „Магбет“, а на 8 јуни Народниот театарот „Иван Вазов“ со „Дон Жуан“. На 13 јуни гостува Народно позориште од Белград со „Иванов“ во главна улога со нашиот актер Никола Ристановски.
В недела ќе има МНТ фест за деца, кога ќе се изведат претставите за деца „Силјан штркот шанца“ и „Авантурите на Аладин“ и документарниот филм „Право кон ѕвездите“. Идејата, како што информира МНТ, е во иднина да има интернационална детска програма.
Во рамки на фестивалот ќе има две работилници. Првата е ликовна колонија каде десетина млади сликари ќе работат портрети на наши актери, а втората е за театарска фотографија. Млади фотографи ќе ги фотографираат претставите кои доаѓаат, а потоа ќе има изложба.
Претставата „Ничија земја“ е по сценарио на Данис Тановиќ и Александар Морфов. Улогите ги толкуваат: Сашко Коцев, Никола Ацески, Александар Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Ненад Анѓелковиќ/Томе Станковски, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Иваноски, Марија Кондовска и Томе Станковски.
Сценографијата е на Никола Тороманов и Валентин Светозарев, а изборот на музиката е на Александар Морфов.
Костимограф е Валентин Светозарев, дизајнер на светло – Крис Јегер, асистенти на режисерот се Николина Кујача и Никола Кимовски, инспициент: Никола Кимовски, светло – мајстор: Игор Митревски, тон – мајстори: Ненад Трпеноски и Симон Кипровски, фотограф е Драган Гајиќ.
Според директорот на МНТ Дејан Пројковски, „Ничија земја“ е една од најважните работи кои ги создал МНТ во последните децении и која, како што рече, ќе ве насмее и растажи до солзи.
– Секој театар си ги бара своите големи режисери. МНТ со Морфов си го гради ансанблот. Создаваме претстави кои стануваат наша гордост. „Ничија земја“ е актуелна тема која никогаш нема да заврши на Балканот. Ова е претстава која предизвикува измешани емоции. Прво ти станува смешно, па тажно – вели Пројковски за „Ничија земја“.
Според него, „Ничија земја“ е современ Бекет на Балканот.
Во сценариото „Ничија земја“ на Тановиќ станува збор за војната што се случи во деведесеттите години на дваесеттиот век во границите на поранешна Југославија. Причината е слична како и за сите настанати војни ― агресивното опстојување и наметнувањето на своевиден културен идентитет (вклучувајќи ја и верската припадност) што се меша со територијални, политички и економски претензии. Интересно во случајов е дека завојуваните страни ― Бошњаците и босанските Срби ― се многу блиски во секоја смисла. Оттука и впечатокот дека непомирливите разлики меѓу нив се несуштински, а конфликтот ― неодржлив. Тие војуваат, дури не можат точно да утврдат зошто и како започнало сè – се прашуваат, но не наоѓаат одговор. Но продолжуваат да се убиваат…
Филмот „Ничија земја“ е награден со „Оскар“ за филм од неаглиско говорно подрачје. Но, во создавањето на претставата се земени само основите на филмот. Од МНТ информираа дека се откупени авторските права за текстот, а авторот Тановиќ го очекуваат како гостин на МНТ во септември.
Според режисерот, големо е задоволството да се работи со актерите на МНТ. Тој одамна сакал да го работи овој текст и среќен е што го поставува на сцената на МНТ.
– За жал, темата е многу актуелна, до болка. Во претставата националистичките демони излегуваат од секаде, како еден вид чистилиште. Се е вистина. Секој збор. Нема лага – вели Морфов.
Следната изведба на „Ничија земја“ е гостувањето во Подгорица на 9 јуни, а со оваа претстава ќе се затвори и годинашното издание на Охридско лето. Од септември „Ничија земја“ ќе биде на редовниот репертоар на МНТ.
По „Животот е прекрасен“ ова е втора соработка на националниот театар со Морфов. Со оваа претстава МНТ на 18 јуни гостува во Загреб, во Хрватско народно казалиште.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.