Икер Касилјас даде интересно интервју за италијанскиот весник „Газета дело Спорт“ во кое зборуваше за престојното финале во Лигата на шампионите помеѓу Реал Мадрид и Јувентус.
– Срцето ми вели дека Џиџи заслужува да ја заврши кариерата со титула во Лигата на шампионите, но јас ќе навивам за Реал Мадрид. Тоа е нешто очигледно, бидејќи тоа е мојата екипа. Кариерата на Буфон заслужува да го има најголемиот клупски трофеј во својата колекција. Оваа сезона покажа дека и на 39 години може да се биде на врвот на голманската професија. Нема никој како него – изјави голманот на Порто.
Поранешниот шпански репрезентативец предвидува едно неизвесно финале, ќе биде решено од еден индивидуален потег.
– Предвидувам и очекувам едно неизвесно финале, иако Реал е силен во нападот, со Роналдо во фантастична форма. Од друга страна, Јуве има гранитна одбрана, но и одличен напад предводен од Дибала, Манџукиќ и Игуаин. Шансите за победа се подеднакви. Реал победи во последните пет финалиња кои ги одигра, па тоа можеби го прави мал фаворит во Кардиф – заврши Касилјас.
Легендата на „кралскиот“ клуб беше дел од шампионските екипи во 2002 и 2014 година, кога заедно со своите соиграчи беше на врвот на фудбалска Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.