Инспирирана од сите неверојатни дизајни (и дизајнери) на кои сè што им треба е малку поддршка за своите идеи да ги претворат во реални продукти, креирана е платформата „House of 1000 Designers“, која ќе работи со локалните и регионалните дизајнери за да им помогне во развивањето на нивните дизајн-идеи во бизнис.
Платформата „House of 1000 Designers“ претставува еден тип на дизајн инкубатор, отворен не само за искусните дизајнери и архитекти, туку и за сите страствени аматери, студенти и ентузијасти кои наоѓаат задоволство во добриот дизајн. Концептот за платформата доаѓа од „Фејдом“ (Feydom), македонскиот производител на мебел со над 10 години искуство и продажба низ повеќе од 30 земји. Платформата ќе го поврзе екосистемот на „Фејдом“ составен од експерти, производители и дистрибутери со локалните дизајнери, во обид да им помогнат во реализирањето на нивните идеи во продукти.
Процесот на развивање на еден дизајн во „House of 1000 Designers“ започнува со аплицирање на конкурси. Еднаш, на неколку месеци, ќе се објавуваат конкурси каде секој од нив ќе биде поддржан од различен производител. Првата рунда на вакви конкурси, која ќе биде активна сè до 25 јуни 2017, е поддржана од вкупно четири компании: Конкурсот за дизајн на софа е поддржан од „Фејдом“, за дизајн на стол е поддржан од „Махагоди“, за дизајн на ламба од „Лира“ и конкурсот за дизајн на работна станица е поддржан од „Coyaconeya“. Сите заинтересирани може да дознаат повеќе за конкурсите тука.
Откако некоја идеја ќе биде одобрена од стручното жири на „House of 1000 Designers“, дизајнерот ќе има прилика да продолжи со развој на својот продукт во Отвореното дизајн студио на „Фејдом“, а заедно со внимателно избран тим на експерти. Целиот процес, кој ќе започне со испраќање на добра идеја, ќе премине низ неколку фази и ќе заврши со целосно развиен, брендиран продукт, пласиран на пазарот со соодветна маркетинг стратегија. Најдобро од сè – продуктот останува засекогаш на дизајнерот, тој/таа ја задржуваат интелектуалната сопственост на секој дизајн кој ќе го реализираат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.