| четврток, 6 декември 2018 |

Платформа за зелен и современ Охрид

Охрид ЅОЅ денес се обраќа до сите кандидати за градоначалник со „Платформа за зелен и современ Охрид“. Во оваа Платформа се содржат барања чиешто исполнување ќе значи напредок за Охрид, задржување на младите во него и, секако, зачувување на едно од главните нешта што Охрид го прават туристички центар – неговата прекрасна и единствена природа.

Очекуваме од кандидатите кои ветуваат подобар живот за охриѓани безусловно да се обврзат на исполнување на нашите барања бидејќи тие се барања на секој жител на Охрид кој сака да живее среќно и исполнето и да биде горд на својот град. Тие се барања кои ќе го унапредат животот и ќе создадат основа за одржлив развој на регионот.

Управувањето со општината во изминатиот, веќе подолг период, оди во насока која ја доведе во прашање иднината на Охрид воопшто. За жал концептите за развој кои се поддржуваат не одговараат ниту на поднебјето, ниту на времето во кое живееме. Охридското Езеро е едно од 8 до 20 древни езера во светот, а планината Галичица е една од најбиодиверзитетните планини во Европа, но кусогледиот начин на менаџирање се заканува да ги жртвува овие суштински важни природни ресурси. Проектите кои се предлагаа до сега се темелат на принципите на развој на масовен туризам кој е надминат, неодржлив, со краткотрајна и ограничена добивка, и е сосема несоодветен за регионот. Охрид, во контекст на таквиот туризам станува неконкурентен, а неговата вистинска вредност и посебност се потценети. Масовниот турзиам води до несогледливи и ненадоместливо штетни последици врз основните ресурси на кои потенцијалот за развој на Охрид се темели. Згора на тоа од следењето на досегашната „развојна“ практика, она што бележи најбрз подем во регионот е емиграцијата.

Поради тоа, врз основа на нашата веќе неколкугодишна работа и постојана комуникација со јавноста ги идентификувавме суштинските проблеми за развој на регионот од што произлезе и „Платформата за зелен и современ Охрид“. Општината ќе може да се надева на подем само со почитување на принципот на одржливост. Одржлив развој подразбира развој кој ги задоволува сегашните потреби притоа не загрозувајќи ја можноста за задоволување на потребите во иднина. Она што како жители на Охрид го сведочиме е токму спротивното. Во досегашната практика димензијата на одржлив развој е сосема занемарена, отсуствува стратешко планирање и соодветна грижа за природното и културното наследство. Охрид нема Стратегија за развој на турзимот, ниту Стратегија за управување со УНЕСКО регионот. Заштитата на Охридското Езеро се раководи според Законот за трите езера од 1977 г. и Езерото веќе бележи знаци на еутрофикација. Студенчишко Блато десетици илјади години ја прочистува езерската вода, а сепак му се закануваше целосно бетонизирање. Галичица е еден од само 20 Прекугранични биосферни резервати на УНЕСКО во целиот свет, а со предлог-измените за управување со Националниот парк, над 604 хектари треба да го изгубат степенот на заштита, стотици хектари шума ќе бидат на удар, од кои 84 хектари само од ендемичниот македонски даб.

Сè уште промовираме велосипедизам само на Денот на Планетата Земја, пластичните кеси ги земаме како скапоцен подарок, се занимаваме со расфрлано ѓубре насекаде, истекувања на колекторот, нецелосна комунална инфраструктура, сечење децениски дрвја за паркинзи или без издржано обрзаложение, пластичните лежалки ни станаа заштитен знак, а платформите крајбрежје. Го правиме ова, наместо да работиме на воспоставување на систем за рециклажа, да ги едуцираме децата да знаат зошто пастрмката треба да се заштити, зошто на Галичица живеат над 5.000 видови, зошто Охридското Езеро се нарекува „театар на еволуцијата“, што се тоа екосистемски услуги и како секое наше делување влијае врз средината и може да пресуди дали нивните внуци ќе имаат чиста вода за пиење.

Жителите на регионот очекуваат развој и тоа на долг рок. Компаративните предности на регионот треба да се искористат во стратешки осмислено развивање на видови туризам кои ќе имаат што помал удел во антропогениот притисок врз езерото и поширокиот регион, a кои се препознаени дека имаат најголем потенцијал за локален економски развој и стабилизација на раселувањето. Тоа значи поттикување на неинвазивни форми на туризам како активен, рурален, научен, еко-туризам. Потребна е вистинска валоризација на брендот УНЕСКО, отворање на нови пазарни сегменти и следење на промените во побарувачката на глобално ниво, креирање на туристички производ со поголема додадена вредност со таргетирање на општествено одговорни посетители, каде што супериорноста на Охрид ќе блесне, наместо да згасне.

Затоа и очекуваме, новоназначениот „татко“ на градот да го раководи Охрид на 21 век во кој економската добивка ќе се темели врз заштита, а не деградација на ресурсите, каде што апликацијата на современите технологии и екологијата ќе го направат светски пример за успешност. Воедно, сесрдно го охрабруваме за отворено и чесно раководење со општината единствено според принципот на одржлив развој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top